Премиерот Зоран Заев воопшто не е задоволен од работата на вицепремиерот Хазби Лика. Како што вели тој не може да не доаѓа на работа. Од друга страна, порача дека е задоволен од работата на министерот за економија Крешник Бектеши. На овој начин премиерот одговори на прашањата за можните кадровски смени во владиниот кабинет.
Премиерот Заев изјавил дека не добил никакво барање од коалициониот партнер ДУИ, за смена на министри. Овие изјави ги отфрли и вицепремиерот Бујар Османи, кој ги оцени како шпекулација информациите дека Хазби Лика и Крешник Бектеши ќе заминат од владата. Тој рече дека нема иницијатива за кадровски смени.
„Немаше ништо посебно овие денови за да излеземе со информациите кои беа објавени вчера. Тоа што треба да се случи сега е завршување на извештајот за годишниот биланс, негово предавање до претседателот на партијата а потоа тој да оцени кој од нас дал придонес во рамки на партиската програма, во програмата на Владата и изборните ветувања кои ги имаме како обврска пред граѓаните. Средби имаше овој период но не на оваа тема, бидејќи има други теми, сите сме сконцентрирани на процесот во Собрание“, изјави вицепремиерот Бујар Османи.
Во јавноста, последниве денови е отворена темата за “освежување“ на Владата во редовите на албанската партија на власт. Извори од ДУИ, кои сакаат да останат анонимни, за ТВ21 велат дека смената на министри се планира на позицијата министер за економија и вицепремиер за Рамковниот договор.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.