Растев во време кога рокерите ни се обраќаа преку нивните песни и кога со начинот како го живееја животот се обидуваа да застапуваат некои идеали и да остваруваат свои сништа. Познато е дека секоја генерација има свој стил, вкус, ставови и светоглед, кои прво сама ги оформува, потоа ги изнесува и изразува, а на крајот и ги толкува. Пред сѐ мислам на музичарите што сакаат да направат бесмртни песни. Тие, навистина, знаат да ја соголат душата – нивна и наша. Секогаш се благословени бидејќи ни прават услуга. Велиме дека музиката нѐ обединува бидејќи е раскажување приказни со кои можеме да се идентификуваме. Тоа особено важи за феноменот наречен рокенрол. Ништо во животот не ме возбудуваше повеќе од неговата магија. Таа магија – рокенрол – се крие во смесата сочинета од музика, мајсторство на изведба, претстава и ритуал. Во право е Брус Спрингстин кога пее: „Не можеш да запалиш огин без искра“. Искрата во рокенролот ја запали Елвис Присли, со кого сѐ започна, и еве сѐ уште трае веќе шест децении. Најзаслужен за таа долговечност е најголемиот поет на рок и блуз-поезијата во музиката – Боб Дилан.
„Звучеше како некој со удар да ја отвора вратата на нашиот ум“
Брус Спрингстин (Мисла од говор при воведувањето на Боб Дилан во Куќата на рокенролот во 1988 г.)
Роден е како Роберт Ален Цимерман, на 24 мај 1941 година, во малото рударско гратче Дулут, Минесота, САД, од родители Евреи, мајка Бети, со потекло од Литванија, и татко Аби, со потекло од Русија. Како мал бил повлечен и осамен, и единствено музиката го привлекувала. Ги слушал блуз-пејачите Мади Вотерс и Холин Волф, рок-пионерите Елвис Присли и Литл Ричард, и кантри-пејачот Хенк Вилијамс. За врсниците бил чуден тип, кој слушал чудна музика. Од рани години покажувал голем талент за гитара и пишување текстови, а одлично се снаоѓал и во свирењето со усна хармоника. Уште од најрана младост ништо не говори за себе, многу ретко дава интервјуа, не се знае со кого живее, како живее, како ги поминува деновите кога е на турнеи, но и кога не е. Како да му е најважно да остане што е можно потаинствен. Многу често дава неточни податоци за себе, во стилот дека по потекло е Индијанец од племето Сијукс и дека израснал во резерват; или дека како дете бил киднапиран и израснал во циркус, каде што учел да стане фрлач со ножеви. Едноставно, никогаш не бил социјален тип кој сака да се дружи со околината и со колегите. Не е убав, ниту шармер. На девојките им изгледа таинствено и мистично, и ги привлекува како магнет. Никогаш на никоја девојка или жена не бил верен, па така Сузи Ротело ја понижувал, Џоан Баез ја искористувал за слава и покажал неблагодарност кон неа, повеќе интересирајќи се за нејзината сестра Мими Баез. Со Сара Лоундс (со која ги има ќерките Марија и Ана и синот Џеси), неговата прва жена, бил во брак 12 години, период во кој имал безброј паралелни врски со други жени. Керолин Денис е неговата втора жена, а и таа не била поштедена од неверства и понижувања. Се зборува дека склопил и две тајни брачни заедници со Клајди Кинг и со Керол Вудс, но тоа тој никогаш не го потврдил. Сара Лоундс, Еко Стар, Рут Тирангел, Меги Роџерсон, Сузан Рос и многу други му биле само минливи врски за забава. Но, колку и да бил некомуникативен, недружељубив, таинствен, мистериозен, груб, склон кон алкохол и дрога, никој не може да негира дека бил најголем поет во музиката и дека неговата музика и поезија радикално го сменија лицето на светот.
Како средношколец почнал со рок-музика, при што многу гласно ги изведувал хитовите на Елвис Присли и на Литл Ричард. За време на универзитетските денови се фокусирал на фолк-музиката велејќи дека за него рок-музиката не била доволна бидејќи песните не го прикажувале животот реално иако имаат одлични фрази и ритам што пулсира. За фолк-музиката велел дека е посериозна бидејќи песните во неа се исполнети со повеќе тага, очај, восхит, вера во натприродното и со многу подлабоки чувства. Така, привлечен од лудилото на мегалополисот наречен Њујорк, почнал да настапува по клубовите во Гринвич Вилич, најпрвин со песните на неговиот идол Вуди Гатри (заедно со Пит Сигер, творци на традицијата на протестна фолк-музика во САД), а потоа и со свои авторски музички нумери. Од тоа време датираат и неговите први протестни песни со суров, емоционално моќен стил, проследен со свирење усна хармоника. И некаде во тоа време Дилан почнува да пишува социјални песни за луѓето што биле жртви на неправда, особено поради бојата на кожата, што му дава кредибилитет на протестен пејач. Неговиот бунт преточен во песните „Смртта на Емет Тил“, „Балада за Доналд Вајт“, „Балада за Холис Браун“, „Осамената смрт на Хети Керол“ само се вовед во најголемите протестни песни напишани кога било: „Господари на војната“, „Времињата се менуваат“, „Ќе наврне многу дожд“ и песната која е пеана на секој протестен марш „Blowin’ In The Wind“, која стана химна на движењето за граѓански права. Да успее и да стане планетарно познат и славен му помогнала Џоан Баез, политички мотивирана пеjачка, посветена на афро-американското движење за граѓански права во 50-тите и 60-тите години, која пеела на протестите против војната во Виетнам и на маршевите за солидарност со работниците. Била прва фолк-изведувачка која успеала да се пробие на врвот на топ-листите за поп, рок и блуз-музика. Боб Дилан и Џоана Баез заедно пееле и ги изведувале песните напишани од Дилан, на познатиот Марш на Вашингтон, на кој Мартин Лутер Кинг, пред 300.000 луѓе, го одржал легендарниот говор „Сонував сон“. Основни обележја на Дилан во овие феноменални песни се атмосферата што ја создава, начинот на кој свири гитара, усната хармоника, фолк-поетиката и стилот. Во сите нив тој има поетска протестна острица, карактеристична само за него и за никој друг. Сите овие карактеристики го направија најзначаен и најголем музичар во САД на сите времиња. Заедно со Битлси беше предводник на културната револуција во 60-тите години од 20 век, со која светот го трансформираше не само музички, туку и политички и духовно.
По извесно време повторно се враќаше на рокот или одеше во блуз водите. Во 1965 година Дилан прави пресврт во секој поглед: текстовите, па и самите наслови на песните, почнаа да претставуваат загатка за себе. Тоа ќе инспирира многу книжевни критичари да прават анализи во децениите што доаѓаат, особено што Дилан никогаш не ги анализираше своите песни, туку оставаше секој да ги доживее на свој начин. Во сето тоа, музичките аранжмани на песните вклучуваа сѐ повеќе електрични инструменти, па така првпат неговите композиции се нарекуваа фолк-рок музика. Како и да е, од тогаш, па до денес, неговата музика како свесно да избегнува секаква жанровска дефиниција. Факт е дека кариерата ја почна како акустичен антиполитички проповедник на левоориентираната Америка. Набргу, преку наведените песни, стана и месија и праведен протестен поет, но и надреален рокенрол-лиричар. Најголемото значење на Дилан е во тоа што тој смисли целосно нов јазик во популарната музика, чијшто сензибилитет го градеше позајмувајќи од различни творци – од Волт Витман, преку Дилан Томас, до француските симболисти.
Тој во своите песни ги обедини ритмот, хармонијата и мелодијата и на модерната музика ѝ даде додатна вредност. Главен „виновник“ е што легендите на мојата генерација не се минато. Со својот талент и потенцијал на гениј направи митовите, преданијата и бајките за рокенролот да траат сѐ уште, како севкупно искуство на нашето општество. Како вистински уметник и гениј не се согласи и не се солидаризираше со курсот на историјата, туку како должност ја сфати својата улога во докажување дека рокот не е победен и убиен. Напротив. Тој повеќе од 55 години е бунтовник со причина и за цело време, како културен творец, преку своето музичко творештво, се обидува да ни го објасни времето во кое живееме. Станува збор за најголемата икона на рокенролот. Секако и икона на американскиот фолк и блуз, но и бунтот воопшто. Жива реликвија на светскиот рокенрол, кој последните 28 години живее, пее и свири на концертната турнеја наречена Never ending tour. Како по правило, секогаш е чекор или два пред другите. Тој не се задоволува со објаснување на работите, туку од секогаш иницирал и промени на системот во кој живееме. Не случајно уште во 1963 година ја испеа легендарната „The times, they are changing“ (Времињата се менуваат), во која кантавторот, бунтовникот, а денес и лауреат на Нобеловата награда, пееше и повикуваше на промени. Промени за создавање нов свет – поправеден и похуман. Оваа композиција, чијшто текст е заснован на постулатите на граѓанското движење за човекови права во САД, стана вистинска слика на фрустрациите на младите од тоа време. Во неа се акумулирани сите чувства против тогашниот политички естаблишмент и животот кој тој го канализираше. Оваа музичка нумера е протестна песна, во која Дилан повикува на свест и на меѓусебно разбирање. Тоа е апел за надминување на генерациските разлики и недоразбирања. Инаку, се покажа како многу јасна порака – порака која дејствуваше поттикнувачки за сеопшта борба за човекови права.
Не можам да не ја спомнам и песната „Like A Roling Stone“ (Како камен кој се тркала), песна која и денес многумина ја сметаат како негово есенцијално дело. Инспирација за текстот добил од пријателката на Енди Ворхол, Ида Седжвик, а вљубениците во поезијата го видоа Дилан како современ Рембо, кој исмејува некој нов Верлан. Инаку, поимот „rolling stone“ или камен кој се тркала е една од најубавите синтагми во блуз и рок-поезијата. Преводот како талкач или скитник во себе содржи слика која го надградува значењето на овие зборови со асоцијација на некој кој низ животот е воден од случајните удари на невидливата рака на судбината. Легендата на блузот Мади Вотерс прв испеал песна со овој наслов, една група од предградието на Лондон се нарече според блузот на Мади (групата „Моди блуз“ со хитот „Ноќите во бел сатен“), а нивниот пример го следеше и Џен Венер, кој го основаше најпознатиот магазин за рок-културата – „Rolling Stone“. Мајсторите, пак, на соулот, групата „Темптејшн“, тврдеа дека нивниот татко бил токму тоа (Papa Was A Rolling Stone’’). И така… музата која се тркалала многу закачила, но најголем ефект постигнала во „судирот“ со најголемиот поет на сите времиња, кој својата поезија ја рецитирал со гитара в рака – Боб Дилан. Како и секое уметничко дело, песната остана надвор од времето и од просторот, како јака опомена на потрошувачката цивилизација, во која некогаш само еден погрешен чекор води од палата од бајките во картонска кутија на бескуќник. Инаку, оваа нумера има буквално сѐ: хармониска структура која е драматична, а приказната е соопштена со мелодија поврзана со неговиот полураскажувачки и полупеечки стил. Не ѝ недостига и музикалност благодарејќи на фантастичниот ритам. Овде е моментот да го објаснам споменатото обединување на ритмот, хармонијата и мелодијата. Оваа песна ни дава ритам на нашите тела, мелодија во нашите души и хармонија на умовите. Тоа е песна со многу пророчки зборови, но и зборови со скриени импликации во нив. Токму затоа рокенролот на Дилан надминува сѐ како музика, но и како уметничка форма. Песната летото 1965 година ги освои топ-листите и во Европа и во САД. „Like A Roling Stone“ е вечен патоказ за сите поети со гитара, кои сакаат со својата креативност да ги пробиваат воспоставените граници.
„Светот го водат тие што никогаш не слушаат музика“
Боб Дилан, „Тарантула“, книга на експериментална поезија
И сега: навистина, кој е Боб Дилан? Се обидувале да го дефинираат разни музички критичари, познати социолози, уште попознати филозофи, и кој ли уште не. Јас овде ќе наведам една комплексна дефиниција според мој личен вкус: Колку е уличен трубадур, толку повеќе е и поетски бард. Но, и музичка рапсодија, бидејќи е и Кероук, кој може да пее, и Бароуз, кој во музиката ја стави големата парада на бит-генерацијата. Можеби, најмногу од сѐ поетско-музичка револуција во еден човек, човек со „грев“, што ги пресадил ритмот на блузот, соулот и кантри-музиката во творештвото на Вилијам Блејк и Волт Витман, но и во содржината на Библијата. Самиот е ремек-дело, кој создава друго ремек-дело, во кое Хомер свири на гитара, а Сафо на усна хармоника, при што сите тројца пишуваат поезија, која усно ја изразуваат и пренесуваат, како поезија за уво. Комитетот за Нобелова награда само го позна ова ремек-дело и го прогласи за свој избор. Досега Нобеловата награда ги афирмираше своите лауреати, а овој пат, напротив, избран е Боб Дилан, единствениот човек што може да ја реафирмира Нобеловата награда. Навистина треба да бидеме среќни што живееме во времето кога и тој сѐ уште творечки битисува на планетата Земја.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.