Сценарист и режисер на филмот е Коле Ангеловски. Улогите ги толкуваат: Нина Деан, Атанас Атанасовски, Александар Микиќ, Соња Стамболџиева, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Крсте Јовановски, Марија Кондовска, Ердоан Максут, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски, Ева Скендеровска, Едмонд Сотир, Андон Јовановски.
– Секогаш е задоволство да се најави премиера на нов македонски филм. Филмот на Ангеловски е љубовна комедија, жанр кој ретко се снима во Македонија. Воопшто не е лесно да се направи и да се сними филм во овој жанр. Посебно ми е драго што премиерата на филмот доаѓа во годината кога Ангеловски прославува 55 години од појавувањето на филмското платно – изјави Мими Ѓоргоска Илиевска, директорка на Агенцијата за филм.
Филмот е реализиран со финансиска поддршка на Агенцијата за филм на Република Македонија која за „Ах, љубов моја“ додели 14.300.000 денари. Вкупниот буџет на филмскиот проект е 20.766.537 денари.
– Филмот е завршен за само две години и јас им честитам на екипата – додаде Ѓоргоска Илиевска.
„Ах, љубов моја“ е трета македонска филмска комедија, по „Мирно лето“ кој во 1961 година го режираше Димитрие Османли и „Викенд на мртовци“ чиј режисер е токму Ангеловски.
– „Ах, љубов моја“ доаѓа по пауза од скоро 30 години, откако го снимив филмот „Викенд на мртовци“. Кај нас се снимаат историски филмови или филмови со социјална тематика, а најмалку се снимаат комедии, уште па и љубовни. Љубовта е најмалку третирана во македонскиот филм. Како да се плашат луѓето од љубов, како да не се сакаме. Бев инспириран од турските серии кога го пишував сценарито – изјави Ангеловски.
Сценарието за „Ах, љубов моја“ Ангеловски прво го напиша за театарската претстава со која се отвори театар Комедија и претставата имаше 50 изведби за две години. Оваа претстава веќе не е на репертоарот на театар Комедија.
– Направивме филм за публика. Ова не е филм за фестивалите во Кан или во Венеција. Ова е филм во кој публиката ќе ужива и ќе биде задоволна. Во филмот главно играат млади актери и релативно брзо го снимивме филмот – додаде Ангеловски.
Според режисерот, снимен е доволно материјал и би можело „Ах, љубов моја“ да се прикажува и како серија од пет епизоди која би се емитувала следната година.
Продуценти се Горан Стојилковиќ, Димитар Николов и Владимир Стојчевски. Директор на фотографија е Роберт Јанкуловски, Илина Ангеловска е сценограф, а костимите се на Лира Грабул и Раде Василев. Дизајнот на звук е на Дарко Спасовски Пацки, а музиката е на Венко Серафимов и Џенгиз Ибрахим.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.