| четврток, 6 декември 2018 |

Актерите од „Забрането смеење“: Публиката да се впушти во една театарска авантура

Јас многу се забавував, исто и колегите, но мислам дека најмногу се забавува режисерот. Тој постојано се смее од гледалиште додека ние играме, вели актерката Јасмина Вучкова

Во театарот „Антон Панов“ во Струмица утре (7.11.) со почеток во 20 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Забрането смеење“ од Миро Гавран, во режија на Игор Ивковиќ, а улогите ги толкуваат: Стојан Велков – Трн, Јасмина Вучкова и Анкица Бенинова.


„Забрането смеење“ е претстава која раскажува навидум едноставна семејна приказна за 43 годишниот Борис, кој има богата сопруга и со неа е во брак 20 години. Во последните 5 години тој ја има и помладата љубовница Нина. Кога швалерката ќе реши да ја раскине врската со него, почнуваат проблемите.
Претставата говори за нас луѓето од денешницата. За тоа колку глумиме сите ние во животот и дека сето тоа стана одвратно. Ова е претстава која ги исмејува бесмислените, лажни и себични споделувања емоции. Зборува за хипокризијата во секојдневните човечки односи, за лажните компромиси што се прават во брачните односи, но и за сексуалните фрустрации кои произлегуваат од нив. И сето тоа на комичен начин. Така можеби ќе си ги воочиме грешките и ќе направиме од нас посреќни луѓе.
Пред премиерата разговаравме со актерите за подготовките, смеењето, предизвиците, очекувањата…

„Забрането смеење“ е насловот на претставата чија премиера наскоро ќе се одржи. Како ви поминаа пробите? Додека ја подготвувате претставата имаше ли смеење?

– Целиот процес помина доста интензивно, но креативно, со голема желба за работа од цела екипа. Инаку, режисерот ни’ забрани смеење, заради ефективност во работата поради насловот, сепак, додека не не’ гледаше, ние потајно си се смеевме, се шегува Стојан Велков-Трн.

Јасмина Вучкова ни рече дека „пробите им поминувале креативно и со многу забава“.

-Имаше многу смеење и глупирање, вели таа.

Анкица Бенинова ја толкува улогата на Нина. Таа вели дека секој процес е посебен и различен ако го споредиме со предходниот.

-Што се однесува до овој процес можам да констатирам дека поминавме период кој што иако бурен на моменти откачен, сплоти различни енергии да дејствуваат и да целат кон една и единствена цел – успешна театарска претстава.

Текстот говори секојдневни случки, проблеми, компромиси во бракот, прељуба… Препознавте ли моменти од претставата кои се случиле можеби навистина во вашето опкружување?

-Текстот следи една конкретна , фиктивна приказна, која има елементи кои во секојдневието се подзаскриени од очите на пошироката јавност, но затоа пак во нашата претстава се прикажани и тоа со сите сочни детали , смета Стојан Велков-Трн, кој ја толкува улогата на Борис.

Јасмина Вучкова, пак подвлекува: „Познавам доста луѓе кои се незадоволни од своите брачни партнери, би кажала дека сите ги озборуваат брачните другари“.

– Изневерата, незадоволството, личната фрустрација, себичноста, интимната неслобода… е секојдневие, смета таа.

-Текстот е урбан и испиративен за работа заедно со сите негови специфики, успеавме да направиме компатибилни и многуслоевити ликови кој што дејствуваат во едно модерно општество, дополнува Анкица Бенинова.

Беше ли предизвик за вас да се работи на овој проект?

-Предизвици имаше многу, но главниот е: Пиеса со три лика (+имитации) која треба да биде готова за 1 месец ефективни проби, директен е Велков.

Предизвикот за Јасмина е уште поголем, бидејќи имала пауза од работата извесен период.

-Да, посебно зашто ова ми е прва претстава после породилното отсуство, вели актерката која ја толкува улогата на Миа.
За Анкица, пак било предизвик да игра лик кој е дијаметрално различен од нејзиниот карактер.

Што најмногу ве привлече?

– Влегов(ме) во процесот поради тоа што почувствувавме отворен, но добро насочен процес. Но, и заради тоа што режисерот беше пред нервен слом, па да го спасиме, повторно се шегува Борис.

Јасмина толкува улога на моќна и силна жена.

-Освен огромната желба да бидам пак на сцена и да играм, ми беше предизвик и да искреирам лик кој е поразличен од мене. Станува збор за моќна и силна жена, повозрасна, многу доминантна, во климактериум… и делумно лудичка, го објаснува предизвикот таа.

Анкица, која ја толкува улогата на Нина, смета дека предизвик било токму тоа што станува збор за „суптилна комедија која се труделе да ја извлечат.“

Кој најмногу се забавуваше, според вас додека работевте?

Според Борис и Анкица „ како и работата, така и забавата била поделена на сите креатори на претставата“.

-Јас многу се забавувам, исто и колегите, но мислам дека најмногу се забавува режисерот. Тој постојано се смее од гледалиште, додека ние играме, ни раскажа Јасмина.

Што ќе и порачате на публиката која ќе дојде на премиера? Што да очекува?

-Да го занемари насловот и да се опушти, порачува Стојан.

– Па, би и порачала да не очекува ништо. Да си се опушти и да ужива во уметноста наречена театар, за да може да ја фати магијата, вели Јасмина.

-Да ужива без очекувања, само да се впушти во една театарска авантура, дополнува Анкица.

Преводот и адаптацијата се на Горјан Милошевски, дизајн на сцена и костими ги изработија Маре Трајковска, Ванчо Василев, сценски движења и танци- Валентино Апостоловски, музиката е дело на Виктор Апостоловски и Ставре Ангелаков, а користени се и делови и од Nina Zilli, Jules Gaia, Gavin Luke. Графичкиот дизајн е на Марјан Ѕингаров.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top