| четврток, 6 декември 2018 |

Паоло Маџели: Во Скопје е моето интелектуално семејство

Јас имам еден проблем, а тоа е дека јас работев тука, во Скопје кога бев млад и си направив мојот круг на луѓе. Подоцна настојував македонските глумци да ги ангажирам на други сцени, како Мето Јовановски во Сплит, Ненад Стојановски, мојата голема љубов играше во Загреб кај мене, потоа Милица Стојанова, која за среќа е уште жива, Ацо Ѓорчев, Синоличка Трпкова. Со Ненад соработувавме многу, играше во една моја претстава која траеше седум часа. Сите тие се дел од моето интелектуално, уметничко семејство. Многу сакав пак да дојдам во Македонија

„Никогаш не работам претстава за публика. Тоа го оставам на страна, бидејќи кога режисерот би се фатил во таа замка, тогаш тој почнува да прави некои работи кои не треба да ги прави. И јас сум љубопитен и сакам да знам што ќе се случи во сабота на премиерата на „Еден месец на село“, вели во интервју за „Република“ светски познатиот режисер Италијанецот Паоло Маџели (71), кој во Македонскиот народен театар (МНТ) ја режираше претставата.

Премирата е во сабота, во 20 часот, на големата сцена на МНТ, а првата реприза е на втори октомври. Ова е прва премиера на националниот театар во новата сезона. Маџели ја почна работата со актерите на МНТ во март годинава. „Еден месец на село“ од Тургењев е дело кое првпат се поставува на сцената на театрите во Македонија, а изведувањето на претставата се совпаѓа со одбележување на 200 години од раѓањето на овој руски и светски великан на пишаниот збор.

„Еден месец на село“ е четврта претстава Маџели ја работи во Македонија. Првпат режирал пред 34 години, „Карамазови“ во Драмски, потоа следеле претставите на Горан Стефановски „Тетовирани души“ и „Црна дупка“. Во последните 30-тина години имало обиди да дојде и повторно да работи во Скопје и еве од март тој е во друштво на своите стари, но и нови пријатели кои ги стекнал во овие месеци додека ја подготовуваше претставата.

Во исклучително пријатен разговор Маџели зборува за животот што одбрал да го живее на Исток, наместо тој на Запад, каде што по раѓање припаѓа, за дружбата со Роберто Бењини, за Скопје и неговото интелектуално и уметничко семејство кое го создал тука пред 30 и повеќе години, но и за неговиот свет на различности кои тој ги обожава.

Три месеци во Скопје, со актерите на МНТ ја работевте „Еден месец на село“. Следеа одморите, а во сабота е закажана премиерата на претставата. Зошто го одбравте Тургењев за Вашето враќање во македонскиот театар?

Маџели: На девети ноември се навршуваат 200 години од рагањето на Иван Сергејевич Тургењев. Но, премиерата на претставата случајно се поклопи со овој важен датум. Овој текст го работев во Загреб, во 2004 година и се задржа десет години на репрерторот. Таму претставата доживеа голем успех, но тоа не значи дека и овде ќе биде така. Ќе видиме. Таму ја работев поинаку, глумците се други. И кога открив дека Тургењев, за кого јас, а и целиот свет сметаат дека е еден од најважните пистели на 19 век, не е преведен, а поминале 200 години, си реков ‘мора да го направиме’. Важно е да го познаваш делото на Тургењев, да го играш, важно е  да си ја прочитал „Татковци и деца“, романот кој направи револуција во 19. век. За Достоевски, Тургењев е аристократ, господар, богат човек, убав, талентиран. Бил арогантен, имал сѐ. Поимот ‘нихилизам’ во философијата потекнува од него. Тој бил револуционер со пенкало во рака, ама вистински, не како овие денес. Тој бил човек кој се борел за ослободување на робовите во Русија. Имал посед во Русија и еден во Франција. Луѓето кои живеле на поседите ги сметал за свое семејство. И тоа се рефлектира во неговите дела. Тургењев имал големо влијание врз Флобер. Французите сметаат дека Ги де Мопасан го продолжил начинот на пишување на Тургењев. Чехов го обожавал Тургењев. Поради сево ова сметав дека овој великан на светската култура кој се залагал за европска Русија заслужува да биде поставен на сцената на МНТ.

Како течеше соработката со македонските актери? Имавте шанса да гледате и некои претстави пред да почнете да ја работите претставата во МНТ?

МАЏЕЛИ: Гледав повеќе претстави, „Дух“, „Животот е прекрасен“, гледав некои претстави кои Никола Ристановски ги играше во Белград. Со Ристановски се познаваме од порано. Пред дваесетина години со него работевме во Црна Гора, „Малограѓани“ од Горки. Постои еден проблем. Јас имам еден проблем, а тоа е дека јас работев тука, во Скопје кога бев млад и си направив мојот круг на луѓе. Подоцна настојував македонските глумци да ги ангажирам на други сцени, како Мето Јовановски во Сплит, Ненад Стојановски, мојата голема љубов играше во Загреб кај мене, потоа Милица Стојанова, која за среќа е уште жива, Ацо Ѓорчев, Синоличка Трпкова. Со Ненад соработувавме многу, играше во една моја претстава која траеше седум часа. Сите тие се дел од моето интелектуално, уметничко семејство. Многу сакав пак да дојдам во Македонија. Ме викаа во последните 30 години да дојдам и пак тука да работам. Додека Силвија Стојановска беше директорка на Драмски театар, не забораваше на секои три месеци да се јави и да ме покани да дојдам. Но, секогаш бев многу зафатен. Но, времето проаѓа побрзо отколку што ние мислиме. Мојот драматург Жељка Удовичиќ ме убеди да одвоиме три месеци и да дојдеме во Македонија. Во Македонија не треба да се планира. Јас почнав да работам во март, а сега е октомври. Кога во Македнија ќе кажеш три месеци, планирај два и пол пати повеќе. Сега тоа го научив. Затоа е тешко. Сега, во исто време имам премиера во Скопје, па во ХНК во Загреб. Одма по премиерата во Скопје заминувам за Загреб. Таму сега работи една асистентка додека сум јас тука. Доцнам, ама нема да задоцнам. По премиерата во Загреб, следниот ден заминувам за Будимпешта каде што ќе работам на нова претстава. Огромна е разликата меѓу моето театарско сеќавање од пред 30 години и ова сега.

Велите дека театарот е борба. Зошто е борба, ако нешто што се работи со љубов? Дали и љубовта е борба?

МАЏЕЛИ: Театарот е борба, бидејќи во театарот кога имате ваква алатка во раката, мислите дека немате право да кажете што било. Театарот е борба за една вистина за себе, односно потрага за вистината во себе. Ако тој принцип се изгуби, тогаш е крај. Во моментот кога ќе забележам кај себе дека сум ја загубил волјата да се мачам себе си, за да кажам нешто важно, како што се обидувам со оваа претстава да кажам дека тоа летувањето може да трае еден месец, а последниот ден од летувањето може да биде цел живот, бидејќи животот е многу фрагилен. Ние постојано го избегнуваме дијалогот со смртта. Смртта настанува кога почнува животот. Што се гаси во човекот, кога настанува крај на сите приказни? Кога гледаш веќе дека нема љубов, зошто да живееш?

Зошто не ги трпите зборовите „толеранција“ и „интеграција“?

МАЏЕЛИ: Не можам да ја поднесам толеранцијата, бидејќи ако вие ме толерирате, тогаш значи дека во суштина ме мрзите, па мора себе да се дресирате за да ме толерирате. Наместо толерација, јас би ставил еден невозможен збор за политиката и за оние кои живеат и чувстуваат, а тоа е љубов. А интеграцијата, исто така не можам да ја поднесам како збор, затоа што да интегрираш значи да заробиш некого, а потоа тоа да го претвориш во иста боја. А јас сум за повеќе, за различни бои. Цел живот сум окупиран со левица, но левица како политичко движење веќе не постои никаде во светот, на моја голема жалост. Јас сум за тоа да цветаат илјадници цвеќиња. Јас сум за тој свет, свет на длабока различност во еден културен контекст. Свет на различностите, тоа е светот кој јас го обожавам. Тоа е мојот свет! А не светот на интеграциите. Кога сакаш некого да интегрираш, светот станува како асфалт.

Повеќе месеци сте во Скопје. Што мислите за градот? Се видовте ли со старите пријатели, разговаравте ли за театарот? Во тек е МОТ, дали гледавте некоја претстава?

МАЏЕЛИ: Планирам да го гледам „Буре барут“ и „Црнила ремикс“. Имам голем проблем со Скопје бидејќи сметам дека Скопје многу пораснал како град. Сега е огромен. Има делови кои сами по себе се градови, како Аеродром на пример. Но, сите тие делови на градот немаат ниту еден театар. Се е во центар. Децата немаат каде да одат во театар, освен Театар за деца и младинци. Германците нѐ учат дека едукацијата е многу важна. Секое дете во Германија уште од најмала возраст учи да оди во театар. Во овој момент, Скопје, според мене, во однос на тоа кога беше помал град, многу заостанува.

Зошто го одбравте животот на Исток, иако по раѓање повеќе припаѓате кон Запад?

МАЏЕЛИ: Кога заминав од Државниот театар во Тоскана во кој потоа се вратив како директор каде што се задржав осум години, тогаш во мојата екипа беше и оскаровецот Роберто Бењини. Но, тогаш политичарите ни даваа шанса. Бевме деца, имавме по 20-тина години, Роберто е дури и помлад, две-три години од мене. Денес тоа е незамисливо. Многумина од таа екипа се распрснаа по светот. На еден фестивал во Фиренца кој траеше 40 дена првпат се прикажуваа претстави од земјите од „Железната завеса“. Тогаш првпат видов големи режисери од Чешка, Романија, Унгарија и си реков ‘па ние ништо не знаеме. Немаме поим. Имаме паничен страв од другите’. Потоа добив стипендија и заминав на едно патување. Направив една претстава во Романија и таа учестуваше по фестивали. Правев престави со тогаш младиот Мики Манојловиќ во Белград, кој уште беше студент, па потоа работев во Љубљана, во Скопје… Јас сум должен на овие простори. Работев во Париз, во Германија, во Швајцарија.

Разговараше: Александра М. Бундалевска

фото: Александар Ивановски и Кире Галевски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top