Марјан Лазовски, поранешниот македонски кошаркарски селектор, влегува во нов правец во својата кариера и ќе биде селектор на женската сениорска селекција на Македонија.
По три години отсуство од кошаркарската сцена во целост, МКФ одново го активира сениорскиот национален тим во женска конкуренција пријавувајќи ги сениорките за квалификациите за Европското првенство закажано за 2019 година, а Лазовски ќе биде селекторот кој ќе се обиде да и донесе успех на Македонија.
Првиот собир сениорките ќе го одржат на 26. мај, во Скопје. Како дел од подготвителниот период во пресрет на почетокот на квалификацискиот циклус (ноември, 2017 година) Македонската кошаркарска федерација ќе биде домаќин на турнир „Трофеј Македонија“ во женска конкуренција каде покрај Македонија учество ќе земат националните селекции на Бугарија и Босна и Херцеговина. Турнирот ќе биде своевидна проверка на силите на сениорките пред оформување на конечниот состав на кошаркарките кои ќе го носат националниот дрес.
Популарниот Маки во минатото пет години беше дел од стручниот штаб на сениорскиот национален тим во машка конкуренција, а го предводеше како селектор во 2012, на Олимписките квалификации во Венецуела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.