| четврток, 6 декември 2018 |

„Мачорот во чизми“ премиерно во Театарот за деца и младинци

Театарот за деца и младинци вечерва, 12 април, премиерно (19 часот) ќе ја изведе бајката од Шарл Перо „Мачорот во чизми“ во режија на Игор Ивковиќ и драматизација на Горјан Милошевски.

Ќе играат осум актери од театарот, а ангажиран е и познат магионичар. Режисерот Ивковиќ рече дека се стремеле да направат херојска, урбана и динамична комедија во која има магија, илузија, бои и музика и дека покрај децата во неа ќе уживаат и родителите.

Неуморниот патник, бистриот и брлив мачор Макс, почнува нова животна авантура. Во моментот кога неговиот газда, стариот воденичар, го напушта овој свет, тој една вечер сосема случајно ќе ги спаси волшебните чизми Енесија и Акајсија од мрачната пештера на злобниот вештер Ужвекс. Ѕверот волшебник поради тоа почнува да го уништува кралството. Без чизмите ја губи волшебната моќ. Со помош на неговиот помошник, Кенгурот Џексон, кој игра, оди и пее како поп-иконата Мајкл Џексон, прават пакосен план со цел да си ги врати чизмите. Мачорот Макс останува да живее со Каспер, најмладиот син на воденичарот. Макс му ветува дека ќе го ожени за принцезата Сесилија во знак на благодарност што од целиот имот на татко му тој го избрал него. Ѕверот Ужвекс дознава за нивната цел и тој со Џексон ја граба принцезата Сесилија со цел да го намами Макс да дојде во неговата пештера со чизмите за да може да си ги задржи за себе.

Низ бројни комични ситуации, Макс, херојски го надмудрува злобниот Ужвекс и со помош на магионичарски трикови и илузии ја спасува принцезата Сесилија.

Ова е приказна која ги глорифицира херојството, пожртвуваноста и пријателството, а ги иронизира и исмејува злобата и пакоста. Претставата е своевидно магионичарско илуминативно шоу во кое, како ретко каде, магионичарските трикови се во функција на создавање уште едно добро дело.

– Создадовме приказна која е базирана на оригиналната на Шарл Перо и потекна од идејата што се случува ако го анализираме насловот – Мачорот во чизми. Дојдов до констатација дека ако се чизмите предмети, кога ќе ги обуе мачката – треба да се случи чудо. Какво е тоа чудо што му се случува, сугурно е нешто необично што му дава посебна моќ. Во претставата доминира магијата и илузијата, илуминацијата со светлина и бои, многу интерактивна и динамична приказна во која, верувам, ќе ужива секое дете – рече Ивковиќ.

_dsc3886

Милошевски рече дека мачорот кој од старата бајка е пргав, но и лажго и манипулатор, сега е пргав но е духовит.

– Мислев дека треба да биде покреативно – мачорот не мора да лаже, не мора да биде манипулатор, тој може да биде духовит, а да го има пргавиот дух, и таков мачор испишав – кој ги обединува сите. Тој не е сам суперхерој и за да се бори му треба екипата што ја има. Ми се допаѓа што во целата приказна работат како колектив – Мачорот заедно со Каспер и чизмите. Идејата е да се пренесе тој заеднички дух што се бори против злото. Приказната е едноставна и има богатство од ликови – истакна Милошевски.

Улога на Мачорот Макс ќе ја игра Мартин Јорданоски кој рече дека режисерот се впуштил во голема задача – да спои во едно магионичарски трикови со театарска претстава што, смета тој, е комплицирано да се направи.

Во актерската екипа се и: Марија Ѓорѓијовска, Емра Куртишова, Мики Анчевски, Ана Левајковиќ-Бошков, Ненад Митевски, Винета Дамческа-Мојаноска и Владимир Лазовски.

За магијата во претставата е ангажиран илузионистот Гого Реквием (Георги Гавровски). Музиката за претставата е на Виктор Апостоловски, кој беше задолжен и за претходната премиера на ТДМ „Гига мега бајка“, кореограф е Валентино Апостоловски, сценографијата и костимите ги изработи Маре Трајковска-Стефаноска.

_dsc4085

Директорот на ТДМ Братислав Димитров рече дека целта им е секоја нивна претстава да се разликува од претставите на други театри кои прават претстави за деца за, како што рече, да ја издржат конкуренцијата.

– Секоја од нашите пиеси да има некое чудо, од кој било аспект, и мислам дека оваа премиера е резултат на таа наша заложба – рече Димитров.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top