Опра Винфри е актерка, новинарка, нараторка, водителка, издавачка, продуцентка на телевизиски емисии, филмови и театар. Родена во САД, во беда, израсната со насилство и сексуално искористување, но поради талентот и упорноста, оствари кариера од соништата и сѐ што допре претвори во вредност и злато, а преку целокупната своја активност, постигнувањата и планетарниот успех стана најбогатата и највлијателна жена во САД и пошироко. Таа првпат ја искуси славата како актерка во адаптацијата на романот на Алис Вокер направена од Стивен Спилберг од 1985 година – филмот „Боја на пурпурот“, добивајќи номинација за „Оскар“. Оттогаш, таа внимателно ја градеше својата репутација во еден од најуспешните брендови во светот. Инаку, таа е долгогодишна водителка на телевизиско шоу за чијашто популарност и квалитет добила многу награди „Еми“. Слободно можеме да ја наречеме медиумска кралица, која секојдневно сама управува со мултимедијалното царство „Харпо продакшн“, а нејзиното лично богатство се проценува на 1,5 милијарда долари.
Но, таа не е дефинирана од желбата за влијание, моќ или пари, туку од нејзината желба преку својата мисија да им служи на другите, најчесто онеправданите, хендикепираните и маргинилизираните, со нивно подигнување, просветлување, охрабрување и трансформирање на начинот на кој луѓето се гледаат самите. Таа со својот активизам и залагање за заштита на правата на споменатите категории покажува постконвенционално ниво на морално размислување и одговорно однесување кон маргиналците. Наместо да го слуша „гласот на светот“, вели дека го слуша и следи „тивкиот мал глас“, кој ѝ е компас во нејзиното дејствување, притоа потпирајќи се на нејзините морални вредности и стандарди на интегритет. Вообичаено дејствува сама, но во реализацијата на својата мисија ја слуша и цени секоја идеја од членовите на нејзиниот не така мал тим.
Мора да се каже дека нејзината емисија, „Шоуто Опра Винфри“, која почна на средината на осумдесеттите години, беше клучниот двигател на брендот Опра. Тоа беше совршена основа за личноста на Опра, што овозможи да комуницира со гостите од студиото (познати личности, писатели, психолози, луѓе со лични проблеми кои ги решаваа во текот на шоуто) и публиката во нејзиното студио во Чикаго. Како сите успешни брендови, од „Кока–Кола“ до „Бадвајзер“, брендот „Опра Винфри“ имаше автентичност. Неопходно е да се истакне дека Опра Винфри не е само славна личност, туку и жива икона, титан на општеството во кое живее и дејствува. Метафорично кажано, таа е пример за врвно „црно“ достигнување во „бело“ општество. Главна нејзина карактеристика е тоа што е голем поклоник на слободниот говор, за кој вели дека не само што живее, туку и „свири рок“. А, токму таа е една од најатрактивните и најбарани рок-изведувачи, на рокот на слободното размислување, говорење и дејствување. Самата за себе вели дека е предодредена за големи нешта, и како таква е Дајана Рос, Тина Тарнер и Маја Ангелу во едно. Тоа може да го изјави жена што е полна со самодоверба и сигурна во себе. А, и како нема да биде таква кога со своето шоу на телевизијата ги урна сите рекорди и постојано во врска со тоа изјавува дека нејзина задача е да победува. Што ќе рече роден победник. Како и да е, Опра е првата црна жена милијардерка во светот, и позната и славна жена што се стекна со статус на културна икона и светица.
А, легендарниот Квинси Џонс ја претставува како фина и енергична, дури многу енергична. Телевизискиот критичар Хауард Розенберг во „Лос Анџелес тајмс“ за неа напиша дека е голема, гласна, бесрамна, агресивна, претерана, духовита, симпатична, сочувствителна, скромна, приземјена, сурова, гладна. Можеби за неа тоа е и правата вистина. Целина од јаки и моќни контрасти. Се чини дека и магазинот „Инкваерер“ од Филаделфија е блиску до вистината кога нејзиното телевизиско шоу го нарече национален истражувач на етерот, а за неа и тоа што го работи вели дека е квасно тесто од блуд, драма, кич, извештаченост, публицитет, прегратки, викање, излив на емоции, маничност и сето тоа маринирано со солзи. Едно е сигурно: можете да ја сакате, но и да не ви е по ќеф. Можете да ја почитувате, но и воопшто да не ја цените. Но, во никој случај не можете да останете рамнодушни кон тоа што го работи и како го сработува. Едноставно, таа е интересна, занимлива, модерна, шик и навистина има стил. Единствен, посебен и неповторлив. Но, сепак, најмногу од сѐ ја одликуваат работата и упорноста да успее во тоа што го работи. Со својата неуморна активност низ целата своја кариера, таа стана хероина за жените, која мажите ја гледаат со респект, за децата е шампион, а за сите најголем борец за заштита на жртвите на злоупотребување. Во сите тие нејзини залагања таа израсна во голем борец за правда и ангел-заштитник на онеправданите. По сите водени битки, таа е силна, дрска и сигурна, во себе, но и во исправноста на тоа за што се бори и изборува. За сето тоа беше наградена со високи рејтинзи, со внимание од широките народни маси. Признанијата и честитките од обичните луѓе ѝ беа најдраги од сѐ. Таа огромна војска на симпатизери направи таа да биде „вакцинирана“ против критиките, и уште поупорно и поодлучно да ја остварува својата мисија. На крајот што друго да се каже за неа: нејзината животна филозофија е комплексна мешавина од чист материјализам (желбата да се збогати и да заработи милијарди долари, што и го направи), борбен дух, кој признава само победи, и возвишена духовност (градење школи и академии за млади на африканскиот континент, хуманизам изразен преку заштита на децата и на злоупотребуваните маргиналци).
Стана и остана највлијателна жена на својата генерација и една од највлијателните воопшто во историјата на човештвото. Во детството и младоста, животот не ја галеше, но таа се избори да ѝ тече во нагорна линија, па дури и во подоцнежните години да се стреми кон височините. Нема што, таа е американска, но и светска жена со блескава и извонредно успешна кариера во секој поглед. Ете тоа е феноменот Опра Винфри, со живот, лик и дело, која од канџите на тешкото детство помина низ трње и пекол, па се вивна во ѕвездените височини. Успешна жена-феномен што облагороди милиони судбини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.