| четврток, 6 декември 2018 |

Наградени најдобрите изданија меѓу два саема

Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) вечерва на Саемот на книгата ги додели наградите за најдобри изданија меѓу два саема.

Наградите кои се доделуваат за прв пат се во шест категории и за нив одлучуваше стручно жири:

1. Награда најдобра едиција – едиција „Бранови“ на издавачки центар Антолог

2. Најдобро печатено издание – Бајки од Македонија на издавачка куќа Арс Ламина

3. Најдобро ликовно-графичко решение – Современи класици на ИК Арс Ламина

4. Најпродаван домашен автор – Коста Петров, Издавачки центар ТРИ

5. Најдобра книга за деца – Бајки од Македонија на ИК Арс Ламина

6. Најкреативно издание  – Планум на Паблишер

За наградите одлучуваше стручно жири во состав: Проф. Д-р Владимир Мартиновски – универзитетски професор, проф.д-р Симона Грујовска Маџоска – Институт за македоснки јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје, Петар Андоновски – писател, Никола Војнов – креативен директор во New Moment и Нина Стефанова – новинар во ТВ Телма.

Управниот одбр на МАИ додели и две специјални награди:

7. Промотор на читачката култура – Букбокс (Bookbox) на off.net.mk

8. Издавачка куќа со најголема општествена одговорност – Арс Ламина за изработка на учебници за деца со оштетен вид

Ова е прва година како се доделуваат овие награди, а идејата е МАИ да ја вреднува токму издавачката работа и да го поттикне и поддржи квалитетот во производството на книги. На свеченоста кусо обраќање имаше и претседателот на Асоцијацијата Бојан Саздов, кој ја истакна потребата од проширување на членството, заедничкото делување во фелата, изготвувањето календар на саемски и други манифестации, формирање суд на честа, како и заедничко застапување пред институциите. Една од заложбите на МАИ беше и достоинствен Промотивен центар кој издавачите го добија на годинашниот саем, како и отворање на Хала 2.

Утре на програмата на Македонската Асоцијација на издавачи е Претставувањето на капиталните едиции реализирани од Министерството за култура на Р. Македонија. За „ Ѕвездите на светската книжевност“ и „Светско книжевно наследство“ ќе зборуваат Јовица Тасевски Етернијан од НУБ „Свети Климент Охридски“ – Скопје и Зорица Теофиловска од КСЦ „Полица“. Настанот е закажан во 11.00 часот во Промотивниот центар на Хала 2.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top