Македонија ја започна првата национална кампања “Отворена библиотека – Влези во нов свет!”, посветена на улогата на јавните библиотеки во заедницата.
2017 е година на библиотеките на глобално ниво во која ИФЛА преку најразлични активности препорачува јавните библиотеки да бидат вклучени во националните стратегии за развој во корелација со развојните цели од Агендата 2030 на Обединетите нации.
Кампањата ќе биде реализирана од страна на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје во соработка со Здружението за равој и иновации на библиотеки „ИНОВА ЛИБ“ под покровителство на Градоначалникот на град Скопје .
Во рамките на кампањата, на 6 тиаприл (11 часот ) 2017 год., на Скопски саем во рамките на Саемот за книга ќе се одржи Меѓународна средба на библиотеки со тематски форум:Јавните библиотеки одговараат на реалните потреби на заедницата, на кој ќе земат учество претставници од Министерството за култура, Град Скопје, директори на библиотеки, библиотекари, претставници од амбасади, од бизнис секторот, фондации и невладини организации. На форумот ќе земат учество претставници од Бугарија и Србија кои со колегите од Македонија ќе ги споделат своите искуства, знаења и добри практики во насока на воведување на иновативност во библиотечното работење. Меѓународната средба ќе ја отвори Градоначалникот на град Скопје Коце Трајановски, воведен збор ќе има директорот на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ Скопје, Александар Пујовски.
Паралелно со форумот во хала број 2 на Скопски саем ќе се реализира и настанот Отворена библиотека, каде ќе бидат поставени штандови за промоција на библиотеките од Македонија, ќе се формира единствена сцена на книги, автори, издавачи, преведувачи, библиотекари и корисници кои ќе споделуваат искуства и ќе даваат препораки за избор на четиво, ќе се потенцира општествената одговорност кон книгата и библиотеките и ќе се поттикне донирањето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.