Во Клиничката болница во Тетово изминатата ноќ се примени 183 лица со симптоми на труење вработени во фабриката „Леар“ од кои само еден пациент е се уште на лекување. Останатите по укажаната лекарска помош, се пуштени на домашно лекување.
Директорот на Клиничката болница во Тетово, Флорим Бесими денеска изјави дека формирано е координативно тело од сите медицински установи во градот, односно Клиничката болница, Здравствениот дом, Центарот за јавно здравје и Санитарната инспекција и започнати се процедурите за утврдување на причините што довеле до труење на вработените.
– Во нашата институција изминатата ноќ побарале медицинска помош 183 лица од кои 127 се регистрирани со име и презиме, додека останатите поради итноста на постапката, не се точно регистрирани. Меѓутоа она што е најважно е дека во моментов од сите овие случаи само еден пациент е се уште на лекување, додека останатите по добиената лекарска помош и пропишаната терапија, се пуштени на домашно лекување, изјави Бесими.
Тој додаде дека според податоците од Брзата помош, 30-тина од работниците примиле лекарска помош на самото место и за време на транспортирањето.
– Она што може да се каже е дека сите се жалеле на исти симптоми, стомачни тегоби и повраќање, а дека сите претходно јаделе исто – макарони со сос со мелено месо. Меѓутоа, испитувањата чиишто резултати ќе се знаат за 48 часа треба да ја утврдат точната причина за ова, истакна Бесими.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.