Повеќе од 80 издавачи со повеќе од 80.000 книги ќе бидат достапни за љубителите на пишаниот збор на Меѓународниот саем за книга кој ќе се одржи од 4 до 10 април во Метрополис арена (Хала 1) и Хала 2.
На 4.000 м2 изложбен простор традиционално и оваа година ќе биде обезбедена најголемата концентрација на домашни и странски автори, современи и класични литературни дела, стручна, научна и белетристичка литература, учебници и училишни прирачници, енциклопедии и дела од областа на културата и уметноста.
Посетителите може да очекуваат навистина голема понуда на книги по достапни цени, а издавачите најавуваат големи попусти кои ќе се движат до 70 проценти.
Во втората хала се организирани и 20. Денови на образивание и кариера каде што на младите и другите заинтересирани им е овозможено за кусо време да добијат точна и брза информација за интересите што ги имаат: од студиските програми на високообразовните институции од земјата и странство, советување и ориентација, преку можностите за стручно усовршување и преквалификација, сé до информации за вработување и развој во кариерата.
Седмиот Меѓународен саем за туризам – Скопје травел маркет 2017, ќе може да се посети во третата хала на Скопски саем. На овој саем ќе се претстават туристички агенции, хотели и туроператори од Македонија и регионот, општини, организации, потенцијални инвеститори во туристичката индустрија, компании за производство на хотелска опрема, но и за софтверска поддршка во туризмот. Овде посетителите ќе можат да ги разгледаат бројните понуди за патување и можностите да го видат светот.
Покровител на манифестацијата е Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија, а партнер е Стопанската комора за туризам.
Свеченото отворање на Саемот на книгата е во понеделник (3 април) во 19 часот, а за посетители саемот е отворен од 4 до 10 април, од 10.00 до 20.00 часот.
Саемот за туризам – Скопје травел маркет и Денови на образование и кариера се одржуваат во периодот 6 до 8 април, од 10.00 до 20.00 часот.
За сите саеми, цената на влезницата за посетители е 30 денари, а за организирани групни посети, 20 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.