Имам 17 години на оваа снимка. Тоа беше еден настап во Македонија каде пеев на македонски јазик – ја почна својата исповед на „Фејсбук“ Татјана Камерун, или познатата југословенска пејачка Тајчи.
Таа со песната „Кабала“ се потсети на настапот во Македонија и нејзините почетоци.
– Дојдов целосно подготвена со костим и кореографија што самата ги смислив и пеев за тоа како е да се биде кукла. Од една страна бев храбра, но од друга страна несигурна. Бев талентирана, вредна, убава, напорно работев и сонував големи соништа. Многу луѓе веруваа во мене, но имаше и многу кои ме потценуваа, ме омаловажуваа и ми се смееја. Јас бев млада и неискусна – напиша таа во објавата.
Тајчи им се обрати на сите млади кои сега започнуваат со кариера, велејќи им да им простат на сите оние кои ќе ги повредат.
– Простете си и себеси што некогаш нема да бидете во можност да се заштитите. Сакајте се онакви какви што сте. Пораснете во личност, а не во кукла – додаде пејачката.
Таа пишува и дека кога денеска го гледа видеото од настапот, јасно и е зошто толку многу сака да им помага на другите да ги излечат раните кои им ги нанеле другите.
– Горда сум на сѐ она низ што поминав во животот, бидејќи токму поради тоа не станав кукла, туку личност каква што сум денес- заклучува таа.
Тајчи, која денеска живее во Америка и е мажена со продуцентот Метју Камерун, ја напушти Хрватска во 1992 година или во врвот на нејзината кариера. Денеска, таа ја води емисијата „Будење во Америка“, пишува колумни за „Хафингтон пост“, а од неодамна работи и со злоставувани жени во еден локален затвор во Нешвил.
Меѓу другото, таа се занимава и со духовна музика за која ќе каже дека многу ѝ помогнала во тешките моменти од нејзиниот живот. Со сопругот Метју таа има три прекрасни синови, Блас, Данте и Еван.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.