Стратегијата го опфаќа периодот 2013-2016 година, а како приоритети ги дефинира привлекувањето странски инвестиции, локалниот економски развој, енергетска ефикасност и одржливост и регионалната интеграција.
Европската банка за обнова и за развој усвои нова стратегија за Македонија, која ги поставува приоритетите на Банката за земјата. Стратегијата има за цел поддршка на интеграцијата на Македонија во регионалните и глобалните пазари преку вложувањата на ЕБОР и други активности, особено интензивирана соработка со клучните партнери како што се Европската унија и Европската инвестициска банка.
Стратегијата го опфаќа периодот 2013-2016 година, а како приоритети ги дефинира привлекувањето странски инвестиции, локалниот економски развој, енергетска ефикасност и одржливост и регионалната интеграција.
Македонија постигна натамошен напредок во клучните реформи насочени кон интеграција во Европската унија. Европската комисија препорача да се отворат пристпаните преговори со ЕУ, наведуваат од ЕБОР.
Македонската економија, оценуваат, е помалку погоденa од глобалната економска и финансиска криза од многу земји во регионот. Сепак, влијанието на кризата во еврозоната беше почувствуван многу силно во 2012 година. Економскиот пораст беше погоден од послабата побарувачка за извоз, особено од еврозоната, пониските странски директни инвестиции и домашната побарувачка. Сепак, Владата и централната банка успешно ја одржуваа макроекономската стабилност во изминатите неколку години.
Фиксниот курс на домашната валута во однос на еврото се одржува, а девизните резерви остануваат на релативно добро ниво, што покрива четиримесечен увоз. Краткорочните економски изгледи на Македонија, како и на другите земји во регионот, се многу неизвесни со оглед на моменталната глобална состојба и изгледите за еврозоната.
Економскиот пораст во 2013 година се очекува да биде околу два процента. Во слeдните години порастот би можел да достигне три-четири проценти, што ќе зависи од подобрувањето на глобалните услови и спроведувањето на структурните реформи во земјата. Република Македонија има направено значителен напредок во транзицијата во изминатите две децении, но сепак се соочува со значителни предизвици, за чиешто надминување, како што се вели, ЕБОР е подготвена да помогне.
Банката, според новата стратегија, ќе продолжи да помога за привлекување и поддршка на странски инвестиции. Банката, исто така, ќе им помога на локалните компании и ќе промовира нивно вклучување во активностите на локалните самоуправи со цел подобрување на квалитетот на услугите.
Во котекст на енергетскиот сектор, Банката ќе се фокусира на засилување на капацитетот на регулаторните тела и развој на обновливи извори на енергија преку проекти и политички дијалог. ЕБОР ќе помага и за натамошно промовирање на енергетската ефикасност во приватниот и јавниот сектор.
Во врска со регионалната интеграција, Банката тесно ќе соработува со властите, други меѓународни финансиски институции и инвеститори од приватниот сектор за да помогне за подобрување на транспортните мрежи, за олеснување и поголема прекугранична трговија и инвестиции. Поврзувањето со регионалниот енергетски пазар исто така е еден од приоритетите.
ЕБОР соработува со Македонија од 1993 година и досега има потпишано 80 проекти вредни 1,1 милијарда евра. Речиси 36 отсто од средствата се во инфраструктурниот сектор, 28 проценти во финансискиот, 20 во енергетскиот сектор, а 16 отсто во индустријата, трговијата и агробизнисот
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



