Денеска (среда, 15 март), во Центарот за култура „Антон Панов“, во Струмица почнува саемот на книгата „Македоника литера“ од Скопје. На оваа изложбено-продажна манифестација, со попуст и до 70 отсто, ќе се продаваат близу 300 изданија на „Македоника литера“ од областа на детската литература, белетристиката, историографијата и стручната литература. Љубителите на добрата книга на едно место ќе може да најдат наградувани и високо вреднувани современи европски романи, наградени романи од Балканот, дела од класиката, историски романи, дела од македонски автори, книги за деца од најдобрите македонски автори и од познати странски автори, вредна историска литература, антологиски дела на светската драма, книги за театар и за филм, стручна литература…
Саемот ќе трае до 18 март (сабота), а работното време е од 11 до 20 часот.
Во рамките на саемот, на 16.03.2017 година, со почеток во 13 часот, во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица, ќе се одржи омаж на истакнатиот македонски писател за деца Киро Донев, а по повод два негови јубилеја: 50 години творештво и 75 години живот. Киро Донев (1942, Моноспитово, Струмичко) е автор на четириесетина книги за деца, пред сè прозни дела: романи, раскази, гатанки, повести, пиески и сликовници. Тој е еден од најпопуларните и најчитаните македонски автори за децата од помала возраст. За своето творештво е добитник и на неколку високи книжевни награди во Република Македонија. Неколку негови книги се објавени во повеќе изданија. Негови дела се преведени на десетина јазици.
„Македоника литера“ досега објави седум книги за деца на Киро Донев, а во подготовка е и осмата книга – поезија за деца со наслов „Било и се скрило“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.