Во новиот број на „Република“ ќе читате:
Македонскиот непокор се излеа на улиците
Народот е „чадорот“ на Македонија
Прогнозите на стратезите на Заев дека македонскиот народ со „свиткана кичма“ ќе го прифати разнебитувањето на татковината се покажаа како очајно лоши. Деновиве сме сведоци на едно големо народно будење, кое симболично е наречено „Четврт Илинден“. За тие што не знаат, Илинден е симболот на македонскиот непокор, на вековната борба за надминување на стравот што му го наметнувале од надвор, но и на остварувањето на сонот за сопствена држава.
Странските сценаристи на планот за уништување на државата и нивните домашни соработници го превидоа моментот дека на народот може да му дојде преку глава, да излезе на улица самоиницијативно и да ја реши кризата што му ја наметнаа на сила. Во есапот на чадорот, Македонецот бил проценет како мекотелно суштество, без „кичма“. Како кукавица што ќе се исплаши и ќе ја наведне главата пред неговите нови владетели и пред домашните предавници. Некој таму проценил дека Македонецот е пластелин што може да го обликува секоја будала, кој ќе стигне да му одзема делови од татковината, да го гази и понижува до бескрај секој кому ќе му се присака… Но при моделирањето на профилот на Македонец планерите направиле грешка што црпнале дефектен примерок од Муртино.
Претседателот Ѓорге Иванов пресече
Нема мандат за туѓи платформи
Со оваа платформа Република Македонија е уценета, а нејзината унитарност, сувереност и независност се загрозени, образложи претседателот Ѓорге Иванов, кој не му даде мандат на Зоран Заев за формирање влада. Додека социјалдемократите и нивните сателити „на лажичка“ ја оправдуваат неоправдливоста на прифатеното разнебитување на државата, незадоволството од процесот на федерализација се прелеа низ улиците.
Интервју: Љубиша Георгиевски
Почнува нова ера за македонската свест
Постои еден непобитен факт – симптом. Ако говорите за една болест, прво се фаќате за симптомите. Немаме време да говориме за етиологијата на болеста, но симптомите се на видело. Колку Македонци гласаа за Заев? Беа ли тие свесни за неговата програма? Не! Отпуштени! Не го сакаме овој, сега ќе го сакаме овој. Така не се прави држава. Не може така да се направи држава, се случуваа неверојатни работи. Така, ние треба да ја бараме вината и во нас. Јас сум длабоко убеден дека историјата ја прават луѓето, народите. Но, тој народ сѐ уште ќе беше без легитимност да не беше изјавата на Груевски! Urbi Et Orbi! (До градот и светот) Еве распнете ме мене! И такви постапки треба да ја амалгамираат свеста на народот бидејќи свеста ако нема околу што да се заврзе, не заврзува. Мислам дека тука почнува една нова ера за македонската свест и мислам дека историјата до тој датум ќе биде една, а потоа ќе се говори „по тој датум“. Затоа што тоа е почеток. Ние уште не знаеме како ќе биде. Јас сум длабоко убеден дека блика омраза од нив ако можат, не да го уапсат, туку да го стрелаат, и ако можат петпати да го стрелаат, вели поранешниот претседател на Собранието, Љубиша Георгиевски во интервју за Република.
Интервју: Игор Дурловски
Излезете Македонци, борете се за државата
Ги охрабрувам сите, сите граѓани на Македонија, не зависно на која вера и нација и припаѓаат, да излезат, и да се борат за да си ја зачуваат државата, таа истата во која вложувале и во која секогаш ќе се враќаат каде и да живеат. Се буди народот, го има секој ден на улица во се поголем број, и со тоа кажува дека нема проблем со меѓусебните односи, туку со надворешните влијанија кои преку внатрешни луѓе сакаат да ја унаказат државата. А ние, друга, резервна држава немаме, вели за Република оперскиот пејач Игор Дурловски, активист на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ која ги предводи протестите за заштита на унитарноста на Македонија.
Дурловски, кој е првенец на Македонската опера и балет, деновиве го гледаме во друго светло, на првата линија на барикадите. Уметникот со светско реноме зад себе има европска кариера, градена во изминативе 15 години на сцените во Германија и во Австрија. Пред неколку години се враќа во Македонија поради, како што знае да каже, недостаток од топлината која му ја дава татковината. Влегува во иницијативата „За заедничка Македонија“ за да ги разбуди пасивните Македонци и да ги покрене во заштита на својата земја. Канонадата од навреди од опозициските медиуми и соросовите платеници вели дека неможат да го одвратат исполнувањето на крајната цел –целосно повлекување на сите антимакедонски предлози и платформи.
Што се крие зад најавата за „Нова историја за Македонија“?
Заева класика: подадената рака отфрлена со омраза, реваншизам и „новости“
Подадената рака за национално помирување, условена само со отфрлање на антимакедонската платформа од Тирана, Заев и СДСМ ја одбија без размислување. Експресно. Можеби е I разбирливо за (според анкетите на „Телма“) најголемата албанска партија во државата да не сака македонско национално помирување, а уште поверојатно е дека Заев за првпат, конечно, беше искрен. Тргнат по мандатот кај Иванов, насмеан до уши, изјави: „Ова е историски ден за Македонија!“ Дали 27.2.2017 година ќе остане запишан во историските читанки како ден кога почна разнебитувањето на Македонија каква што ја знаеме? Сепак, претпочитам, барем историски, тој месец да го паметиме по Февруарскиот поход, чин што со жртвите на борците од Народноослободителната војска на Македонија даде силен придонес во ослободувањето од фашистите. Да, голготата на истите тие партизани, кои, ако биде по Заево, вршеле геноцид врз албанското население…
Македонија пак во фокусот на странците
Двојните принципи на меѓународната заедница
Кога Македонија е предмет на коментари во светот, особено кога пораките за нас во краток временски период доаѓаат од места како седиштето на НАТО, Белата куќа, Европската комисија или Москва, тоа најчесто не е добар сигнал. Вакви пораки имавме во 1991 година кога постоеше опасност од интервенција на ЈНА во Македонија, во 1999 година за време на косовската криза, во 2001 година за време на македонскиот конфликт. Најчесто кога меѓународната заедница реагира координирано за Македонија, тоа не е добра вест. Темите како странски инвестиции, намалување на невработеноста или некоја листа на економски реформатори на Светската банка не се интереси за Брисел, Вашингтон или за Москва. Тоа значи дека и сега на пораките што ги доби Македонија не може да се гледа како на позитивна појава, туку како на причина за загриженост.
Колумна, Љупчо Пренџов
Мораме ли?!
Краткото, но и подолго историско паметење говори дека притисоци од која било страна кон македонските политичари имало, има и ќе има. Притисоците се забораваат, но одлуките на нашите политичари оставаат трајни белези. Кој се сеќава од каде сѐ не доаѓаа притисоци во 1995 година кога го сменивме знамето? Ама горчливиот вкус во устата и сменетото знаме – останаа. Кој се сеќава на сите притисоци што доаѓаа во 2001 година од ексдипломати и сега веќе заборавени политичари за да се потпише Рамковниот договор. Ама Струга, Кичево, а богами и Скопје добија нова демографија и нов лик.
Одамна веќе не важи максимата дека секој народ заслужува онаква влада каква што си избрал затоа што владите, па и политичарите, се многу често менлива работа, а народот ги трпи последиците и мора да живее со одлуките што тие ги донеле во определен историски период. А, ова за Македонија несомнено е историски период. Сите се еднодушни дека токму сега ги испишуваме историјата и иднината. Прашањето е само каква. Онаа која ја посакуваме или онаа која мораме. Мораме ли?!
Колумна, Ацо Станковски
Дволичност
Ако некој, кој тукушто излегол од ЕУ преку референдумско изјаснување наречено Брегзит, на граѓаните на Републикава им порачува дека неговата влада го поддржува зачленувањето на Македонија во ЕУ, тоа ви е како некој, кој пред малку се спасил од брод што тоне, да ви препорачува што побрзо да се качите на него. И да потонете.
Но, од каде таква контрадикторност, а, всушност, едно стравотно дволично однесување на британските официјални претставници, нешто што го гледавме и сѐ уште, за жал, го гледаме од несмасниот британски амбасадор.
Не треба да се биде премногу паметен или голем психолог за веднаш да се согледа дека сите овие претставници на веќе одамна пропаднатата империја се, во основа, корумпирани слуги на сите оние неолиберални олигархиски структури, кои полека, но сигурно пропаѓаат на политичката сцена во западната хемисфера.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.