Стратегот на Вардар, Ѓорѓи Кочов, го посочи поголемото искуство на противникот како клучен фактор за поразот на својот тим од Карпош соколи. Воедно, младиот стручњак изрази жалење што неговиот тим ја повтори грешката од бројните натпревари од првенството, кога задоцнето се разбуди откако противникот стигна до двоцифрена предност.
– Разликата во искуството и во квалитет е премногу видлива, а нашите играчи првпат играа во ова натпреварување, завршница од Купот на Македонија. Влеговме со преголем респект, мечот го загубивме во првата четвртина. Што се однесува до Карпош Соколи им ја честитам победата и им посакувам среќа. Почнуваме да играме кога противникот ќе поведе 15-20 разлика, тоа е наша стара болка. Свесни бевме дека со малку повеќе залагање може да дојдеме во егал-завршница, тоа и се случи. Меѓутоа, подолгата клупа и квалитетот го направи своето, сепак, Карпош Соколи е клуб кој настапува во АБА-лигата – изјави Кочов веднаш по натпреварот.
Сличен беше ставот и на Војче Лефкоски, кој беше најдобар стрелец на „вардарци“ со 22 постигнати поени.
– На почетокот на натпреварот не игравме на нашето ниво. Влеговме многу полежерно и тие успеаја уште во првиот период да ни направат голема разлика која им дозволи опуштена игра до крајот. Во вториот дел притиснавме повеќе, стигнавме и до некој егал, но пропуштивме неколку напади кои „соколите“ ги искористија. Тоа е тоа. На Карпош соколи им посакувам успешен турнир – порача Лефкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.