| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски на 53 Конференција за безбедност во Минхен

poposki

Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски ќе учествува на 53 Конференција за безбедност во Минхен.

Годинашната конференција ќе биде фокусирана на иднината на трансатлантските односи по претседателските избори во САД, европската безбедносна соработка и одбрана, односите со Русија, војната во Сирија, политичко – безбедносната ситуација во Азија и Пацификот, како и предизвиците од мигрантската криза и радикализацијата. Од денес до недела Минхен ќе биде домаќин на главните актери во меѓународната безбедност, во време на неизвесната иднина на трансатлантските односи и кризата на глобалниот либерален поредок по стапување на должноста на новиот американски претседател Доналд Трамп.

minhenska konferencija

На 53. конференција за безбедност повеќе од 500 политичари и деловни луѓе ќе разговараат за актуаелните безбедносни предизвици, вклучувајќи ги и загрижувачката состојба во глобалниот поредок и засилувањето на нелибералните трендови ширум светот.

Германската канцеларка Ангела Меркел, американскиот потпретседател Мајк Пенс, министерот за одбрана Џејмс Метис, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, како и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја предводат листата на повеќе од 30 официјални претставници, осумдесетина министри на надворешни работи и одбрана, кои за време на викендот ќе се соберат во хотелот „Бајеришер Хоф“, во центарот на баварската престолнина, пренесува Хина.

Конференцијата, која од 1963 година служи како независен форум за промовирање на мирните решенија на судирите, меѓународната соработка и дијалог, ќе се занимава со иднината на НАТО и трансатланските односи по победата на Трамп на изборите во САД, европската безбедносна и одбранбена стратегија, кризата во Украина и односите со Русија, војната во Сирија и состојбата со безбедноста во азиско-пацифичкиот регион.

-Соочени сме со меѓународна безбедносна ситуација која не била поранлива уште од Втората светска војна, изјави претседателот на Конференцијата, Волфганг Ишингер.

Конференцијата за безбедност во Минхен ќе биде првата можност на претставниците на новата американска администрација да се обратат на меѓународен форум и да ги изнесат своите надворешнополитички и одбранбени стратегии.

Во својата предизборна кампања Трам го нарече НАТО „застарена организација“ и повеќе пати го фалеше рускиот претседател Владимир Путин, предизвикувајќи загриженост кај европските сојузници, посебно кај оние од истокот на Европа.

Како што соопшти МНР, вицепремиерот и министер Попоски, во Минхен, ќе оствари повеќе средби со колегите од земјите-членки и партнери на НАТО.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top