Заменик–претседателот на Владата на Република Македонија и министер за надворешни работи Никола Попоски, денеска во Брисел ќе учествува на Меѓународната конференција „Незавршена правда: реституција и сеќавање”, посветена на жртвите од Холокаустотот, соопшти МНР.
Kонференцијата што ќе се одржи во Европскиот парламент, ја организираат Европската алијанса за преживеаните од Холокаустот (EAHS), коалицијата на членовите на ЕП посветена на прашања на преживеаните од Холокаустот, Светската еврејска организација за реституција (WJRO) и Европскиот институт за Холокаустот (ESLI), заедно со Европскиот еврејски конгрес (EJC) и B’nai B’rith International, како и постојаните мисии во ЕУ на Израел, Чешката Република и Велика Британија и нивните министерства за надворешни работи. Собирот ќе го отвори претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани.
На конференцијата ќе се разговара за процесот на реституција на жртвите од Холокаустот согласно обврските од Терезинската декларација од 2009 година, со посебен фокус на моменталната состојба, најдобрите практики и методи од Европската унија за решавање на овие прашања, со цел побрз напредок на овој план.
Република Македонија е трајно посветена кон грижата за нејзините граѓани Евреи, го заврши процесот на реституција на македонските Евреи жртви на Холокаустот и вложува континуирани напори на полето на сеќавањето, образованието и истражувањето на Холокаустот, се наведува во соопштението од македонското МНР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.