Во четврток вечер (2 февруари) со почеток во 20 часот, на сцената на НУЦК „Антон Панов“ премиерно ќе биде изведена драмата „Џон Габриел Боркман“ во режија и адаптација на Горан Тренчовски.
„Џон Габриел Боркман“ е претпоследната пиеса на Хенрик Ибзен (1828-1906), најпознатиот норвешки автор на сите времиња и еден од најпоставуваните драматичари на театарските сцени во светот. Драмата е изведена пред точно 120 години и нејзиното инсценирање во современ контекст значи можност за истражување на чудесната поетика на Ибзен. Боркман, средовечен човек и поранешен директор, кој преку финансиски малверзации го има изгубено целиот имот, како и заштедата на своите клиенти, е осуден, посрамен и осиромашен. По издржувањето на затворската казна, тој со години не излегува од дома, надевајќи се дека еден ден пак ќе започне со бизнисот. Џон и неговата сопруга Гунхилд останале во брак формално и единствена заедничка точка на нивните отуѓени животи е синот Ерхард. Семејната клаустрофобија се разнишува со ненадејното доаѓање на Ела – сестра на Гунхилд, а некогашна љубов на Џон. Пресметката со минатото и сегашноста, како и судирот на интереси за неизвесната иднина испливуваат на површина токму вечерта кога Ела престојува кај Боркманови… Во низата од живописни машки и женски ликови и мноштвото драматични ситуации со силен емоционален наплив, оваа возбудлива претстава го следи подемот и падот на поединецот од новото време потонат во своите капиталистички амбиции.
Во насловната улога на Џон Габриел Боркман настапува Кољо Черкезов, а покрај него играат и Јулија Милкова (Гунхилд), Ванчо Василев (Ерхард), гостинката Јасмина Василева (Ела Рентхајм), Анкица Бенинова (Фани Вилтон), Игор Тодоров (Вилхелм Фолдал), Надица Трајкова (Фрида) и Стојан Стојанов (Собарот).
Текстот за оваа македонска праизведба го преведе Ленче Тосева, сценографијата е на Милена Пантелеева од Бугарија, костимографијата на Ванчо Василев, музиката на Марјан Неќак, а дизајнот на плакатот (по мотиви на Мунк) го направи Александар Филев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.