| четврток, 6 декември 2018 |

Македонските пливачи подобрија национален рекорд за цели осум секунди!

makedonija-plivanje-stafeta

Нагорниот тренд на македонското пливање беше уште еднаш потврден на Светското првенство во мали базени кое се одржува во Виндзор, Канада, при што беше соборен рекордот на делницата 4х50 метри мешано со резултат кој е цели осум секунди подобар од претходниот и носи пласман на 15 место од 27 пријавени штафети.

Горазд Чепишевски на првите 50 метри грбно отвори со резултат на минување од 0:25.77 што се признава и како нов национален рекорд, откако истиот пливач два дена претходно веќе го подобри истиот резултат поставувајќи време 0:25.97. Дамјан Петровски се надоврза со 0:29.64 на 50 метри градно (пливаше речиси идентично во поединечна конкуренција, разлика од 7 стотинки). Во финишот на 50 метри пеперутка и 50 метри слободно настапија новите рекордери кои во Виндзор ги соборија рекордите во респективните дисциплини, Љупчо Ангеловски (0:24.69) и Марко Блажевски (0:22.55), со што се дојде до резултат од 1:42.65. Претходниот рекорд од 1:51.07 беше поставен од јуниорите на ПК Бета на неодамнешниот митинг во Зрењанин, што е уверување дека овој спорт ќе продолжи да ја радува македонската спортска јавност и покрај тоа што е оставен на маргините.

В недела се спушта завесата на пливачкиот мундијал во Виндзор, а единствен пливач од Македонија што ќе има настап на последниот ден е Горазд Чепишевски на 200 метри грбно.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top