Во новиот број на неделникот „Република“, кој е во продажба од 2 декември 2016 година, ќе читате:
Двери предупредува на политичка измама
СДСМ ја презел нашата програма „За живот во Србија“
Срѓан Ного, млад политичар на српската политичка сцена, втор човек во пратеничката група Двери во српскиот парламент, остана вчудовиден кога ги виде фотографиите со кореографијата на митинзите на СДСМ. Се изненади на проспектите, рекламниот материјал – пенкалата и запалките – што ги изработи СДСМ за оваа изборна кампања. Ги препозна и бојата, и стилот на буквите, и знаците, а препозна и дел од платформата. Тој мислеше дека го прашуваме за програмата на Двери од Србија, а не дека цитираме од програмата на СДСМ од Македонија. Ние сме млада партија, вели во интервјуто за „Република“, немавме средства за стратези, па во 2012 година се осмисливме и изработивме сами. Тоа што особено го погоди е фактот дека сиот труд на овие млади традиционалисти и антиглобалисти завршил во рацете на проглобалистичките чеда на Сорос.
Украдената кампања како маска за федерализацијата
Заев нуди распад на државата, а не нов живот
На речиси десет дена до референдумското гласање можеме да констатираме три факти: Зоран Заев е мртов политичар и наскоро ќе мора да одговара за сите злодела кон државата и кон македонскиот народ. Поразот на СДСМ ќе биде катастрофален и никој друг нема да биде виновен за тоа освен партиското раководство. Опозицијата ќе мора да бара нов лидер, ново раководство и да се огради од досегашната деструктивна политика ако сака да се спаси од распад. Независно од овие факти, кои значително одредуваат во која насока ќе се движат опозицискиот брод во следната година, до денот на изборите ќе останат да висат уште неколку дилеми кои се од витално значење за судбината на државата. А тоа се: Ќе имаат ли храброст членовите и симпатизерите на СДСМ да кажат „не“ за редефинирање на државата? Ќе ја препознаат ли неопределените Македонци навреме играта што ја игра Заев пред да се најдеме во ситуација од која нема назад? Ќе успеат ли ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата да обезбедат мнозинство кое ќе стави крај на кризата и ќе овозможи враќање на државата на нормален колосек?
Странците свесни за расположението на народот
Само во Македонија има дилеми за резултатите од изборите
Пристигнувањето на една од најголемите дипломатски ѕвезди во Европската унија, австрискиот министер за надворешни работи, предизвика силни реакции во македонската јавност. За дел од граѓаните и за ВМРО-ДПМНЕ се работи за искрена и важна поддршка од сестринската партија и од Австрија, која ја претставува Себастијан Курц, а за опозицијата се работи за непримерен чекор на австрискиот дипломат кој не смеел да дојде во Македонија за да ја поддржи владејачката партија. Со оглед на депласираните тези на опозицијата, дека се работи за меѓународна корупција и дека целиот свет треба да е против ВМРО-ДПМНЕ само затоа што е на власт цела деценија, во овој контекст се поважни вистинските причини зошто австрискиот министер отворено застана зад ВМРО-ДПМНЕ.
Голема Албанија затропа на мала врата
Редефинирањето на Македонија почна од Тирана?
Веројатно, како и многупати досега, повторно зборуваме за ендемска опозиција, единствена и уникатна творба, која е подготвена и да ја разнебити и сопствената држава, само за да го исполни сопствениот сон за моќ, власт, тендери, кирии, станови, пари… На разнебитување и поделба на сопствената нација работат подолго од две години и мора да се признае дека ова е едно од ретките полиња каде што бележат некаков „успех“, ако може да се нарече така закрвувањето на сопствениот народ. Можеби, пак, мотивите за будењето на албанскиот национализам преку јавно наддавање за двојазичност и за федерализација, која се подразбира, се само влог во иднината на партијата, која е свесна дека и на овие избори ќе биде катастрофален губитник. Дали Заев, реално, игра на расположението на Албанците за да предизвика проблеми за ВМРО-ДПМНЕ во новата владина коалиција? Логиката е повеќе од едноставна – соочен со неминовноста на поразот на 11 декември, Заев и СДСМ ги поставуваат основите за нова етничка криза, продукт на нивните неверојатни понуди за Албанците, со кои по победата ќе се соочи токму ВМРО-ДПМНЕ. Како и секогаш, така и сега, социјалдемократите не ги интересира штетата што со овие чекори ѝ ја нанесуваат на сопствената држава и нација. Не, за нив е најбитно некогаш да се завладее и да се оствари елитистичкиот комплекс, кој постојано ги турка во некоја нова, луда авантура.
Колумна, Љупчо Пренџов, ГРОМ
Скапи експерименти, господа!
Сите анкети, покажуваат убедлива предност на Коалицијата за подобра Македонија, покажуваат дека неопределените, кои се едно „тивко мнозинство” и кои се пресудни за изборите, еднакво сакаат суверена, независна, економски силна, унитарна и, пред сѐ, европска Македонија.Тоа е таа „внимателна публика“, која мери, одмерува, слуша и во клучен момент се активира. Но, како? Ако одиме според мислата „ пред фактите и боговите молчат“, не е тешко да претпоставиме дека, на крајот од денот, ќе пресудат реалните бројки. Да, кампањата е црна, поцрна не може да биде, но максимумот што може да се постигне со такво „плукање“ е привремено да го демотивира гласачкото тело. Сепак, говорот на омраза е бумеранг и тој со чудесна брзина се враќа на испорачателот. Го предвидоа ли гневните овој момент? Значи народот сака перспектива, надеж, не омраза. На тенок мраз газат „господата“ од СДСМ.
Колумна, Никола Србов
Планот за Западна Македонија како еднојазична територија
Македонската јавност веќе навикна по секој говор или изјава на Зоран Заев да очекува демант од центарот за комуникации на СДСМ или од Заев лично, да се дообјасни, не сме го разбрале или лошите вмровци му го извртеле говорот. Ова преминува во фолклор, запознавам луѓе што го чекаат само демантот или дообјаснувањето, сѐ со цел да не се заморуваат дополнително со празни зборови, кои подоцна некој ќе се обидува да ги дообјаснува.
На последните митинзи Зоран Заев вели дека федерализацијата на државата е само во главите на „квазипатриотите“ и на „националистите“. А кои се „квазипатриотите“ и „националистите“? Тоа сме ти, јас, сите ние што со загриженост сме ја проследиле изјавата на Заев во која објаснува дека ние сме виновни и дека нашата вина кон соседите тој ќе ја компензирал со растурање на Република Македонија. Последно од Заев беше, „какво менување Устав, каква кантонизација, какви бакрачи?“ ова „бакрачи“ посебно ме весели, но нејсе, во „бакрачи“ изгледа лежи простор за демантот, пак не сме го разбрале.
Колумна, Ацо Станковски
Психопатологија
Во огромната практика што психопатолозите ја имаат со душевно болните, има мноштво различни случаи. Посебно се интересни тие што умеат добро да се затскријат и, како такви, некако да се пробијат до највисоките структури на некоја организација. На некоја политичка партија, на пример.
Тогаш нештата почнуваат да добиваат, по сѐ, надреалистички својства, а целата конструкција, во еден момент, доаѓа до состојба на целосна деструкција.
Ова рапидно пропаѓање, кое завршува со едно опаѓачко крешчендо, е резултат на судирот, кој оваа исфантазирана, имагинарна реалност го има со вистинската – космичка реалност, која секогаш стои непоколебливо и цврсто, како и самата вистина. Зошто таа реалност ја содржи во себе вистината како суверена оска на постоењето.
Двоглед
Заев ќе го блокира трансферот на Талевски во Рајн-Некар: „Младите мора да останат дома“
Лидерот на опозицијата на вонредна прес-конференција денес соопшти дека ако дојде на власт СДСМ, тој лично ќе го блокира трансферот на младиот ракометен бисер Филип Талевски во германскиот шампион Рајн-Некар.
Според Заев, младите многу се иселуваат од Македонија и кога тој ќе дојде на власт ќе запре тоа бидејќи ќе го врати животот во земјата.
– Бев избезумен, во шок, многу фригидно се почувствував и јас и сите во партијата кога случајно следејќи вести дознавме дека ракометниот талент Филип Талевски потпишал трансфер во Германија во некој си клуб Рајнекар. Ловен. Мовен, како и да беше, за 100-200 илјади евра на метар кубен по квадрат.. на час. Мислам дека така нешто беше – рече Заев.
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.