| четврток, 6 декември 2018 |

Лора Турунџиева напиша книга: За мајката, за таткото, за мама и тато

За жал, или за среќа, животните ситуации и непредвидливите периоди низ кои поминуваше моето пошироко семејство, направија пребрзо да созреам, и пребргу да се соочам со моменти и настани, кои некои луѓе можеби ниту на 30, 40 години не ги доживеле... Но, Господ така сакал. Ви посакувам пријатно патување низ моето детство!

Десет месеци откако му напиша јавно писмо на биолошкиот татко Александар Маленко Лора Турунџиева напиша книга. Пред неколку дена на Фејсбук, нејзиното бојно поле, објави краток вовед пред објавувањето на првата книга.

„Поводот, за да ја започнам оваа книга, е да ја исполнам мојата дамнешна желба, одн. да го ставам моето детство на хартија. Полесно ми е кога моите мисли ги запишувам, и на некој начин му се доверувам и разговарам со мојот компјутер. Ничиј живот не е лесен, ниту постои детство, кое е идентично со моето. Сите ние сме различни, но сепак исти. А какво било моето, ќе дознаете понатаму…“, скокотка 26-годишната девојка.

Лора, која летоска се сретна со Маленко, раскажува за детство поинакво од детството на многу деца. Преку најголемите прашања што ги одгатнувало едно мало главче, а кои оставиле големи траги во нејзиното големо срце.


Мајка…личноста која ме носела грижливо во нејзиниот стомак 9 месеци, и покрај тоа што тоа биле најтешките девет месеци во нејзиниот живот – како што вели таа. Личност, која се трудела и сеуште прави сѐ, за да ме израсне и изведе на правиот, вистинскиот пат. Секогаш велам:
Мојата мајка ќе се гордее со мене, ќе ја направам среќна и ќе пробам да и ги олеснам сите тежини. Тогаш, кога ќе го видам сјајот во нејзините очи, ќе знам дека сум постигнала во животот.
Татко…човекот што ме создал, човекот што не го помина детството со мене, а ми беше потребен многу, но благодарение на мојот карактер решив сама да го поправам тоа, си поставив задача на самата себеси. Знаете, гледајќи ги сите како се среќни со своите татковци мене ми се кинеше срцето. Нешто во мене врискаше, се рушев од внатре, додека мојата насмевка ја гледаа сите постојано. Не жалам воопшто што по 10 години го сретнав мојот татко. Првиот миг кога ги видов неговите очи како гледаат во мене се вкочанив целата…си реков еве Лора, тука си, тука е и он…Нели ова го посакуваше потајно во себе?

Мама и тато. Личностите поради кои сите ние сме на оваа планета. Сите ние имаме свои мајка и татко, без разлика дали тие се со нас или не, секогаш се во нашите срца. Како мала, помнам дека во второ и трето одделение ни задаваа задача да нацртаме семејно дрво. НИКОГАШ не нацртав. Ме болеше… Затоа што моето дрво беше скршено, неубаво, нецелосно… Недостигаа гранки на него. Не знаев ни колку браќа имам, (а ме копкаше да знам) ниту како се викаат и колку години имаат. Кога ќе се запознаев со некои деца и ќе ме прашаа дали имам брат, сестра? Не знаев што да одговорам. Ми се полнеа очите со солзи… Очите кои ги претставуват моите родители… Мојата МАЈКА е моето лево око, а мојот ТАТКО моето десно око. На моето лице секогаш се заедно, иако помеѓу нив секогаш ќе стои носот, како судија, како потсетник, дека рамнотежа секогаш мора да постои, дека што и да се случи, тие мораат да бидат во добри односи. Дека ЈАС ПОСТОЈАМ!
Тешко е да растеш со еден родител. Имав очув, кој за жал не е повеќе меѓу нас… По воља на судбината, во неполни 10 дена го запознав мојот вистински татко, но го изгубив човекот кој со години ме гледаше како своја ќерка. Каква иронија на судбината, и тешка шлаканица која ми ја зададе животот, само што помислив дека дрвото можеби ќе добие убава, вистинска форма, и дека можеби наредната пролет моето дрво ќе има најмногу гранки, зелени, богати и живи…. Но…Одеднаш надојдоа лавина од измешани емоции кај мене. Не успеав ниту да се израдувам на моите браќа и на мојот татко. Ги живеевме најтажните денови кои ги паметам… Го паметам секој детаљ во тие тажни и болни летни денови…
Овие ситуации ме сменија од корен како личност. Мојата малечка сестра Матеа која го гледаше својот татко како умира пред нејзини очи повеќе не е она девојче кое по цел ден се смее. Таа на 7 години доживеа да го види својот татко како ги затвора очите пред неа, за последен пат. Матеа изминатите години никогаш не кажа „тато„ пред мене бидејќи не сакаше да ме повреди ..таа добро знаеше колкава болка чувствувам и колку солзи имам пролеано. Како сега јас да кажам тато пред неа? Зарем е фер ова? Но, животот сам по себе не е фер. Ни носи такви непредвиливи ситуации во кои ние самите мораме да се составуваме и да бараме решение. Бидејќи нема решението само да дојде, ниту пак ќе дојде добрата вила, ќе ни тропне на врата, и ќе праша што да „среди“ во твојот живот?
Немаше такви вили, ниту вилењаци… Се изгубија сите негови блиски , роднини, сите до еден! Со исклучок на едно, две семејства, повремено и се јавуваа на мајка ми, да проверат како сме… Сите останати, особено „најблиските“, „своите“, заборавија дека постоиме. Како со смртта на мојот очув, да умревме и ние… Сите до една!
Се повлекоа, сите до еден, како да се плашеа дека смртта на мојот очув е заразна болест, па може и нив да ги зарази!
Но, човечката беда, ситничавост и мизерија е нешто на што мајка ми беше многу поодамна спремна да го доживее! Уште кога ги изгубила татко и и брат и… Уште тогаш сфатила дека луѓето не ги интересира твојата болка, загуба… И дека секое чудо е за три дена!
Така ние моравме да научиме да се бориме во животот. И ние четирите тоа го учевме, секојдневно.
Мојата мајка се исправи, иако имаше многу потешкотии со мојата малечка сестричка Матеа, која Оној ден виде сѐ и доживеа сѐ… Прва пред сите! Дури и ни раскажуваше како било… како испуштал душа нејзиниот татко… Многу жално, многу!
Но, мислам дека секој ден сме по половина чекор понапред, од она што бевме тогаш, тој ден… Полека, малку по малку, ден за ден, ние се исцелуваме, се накренуваме… Почнуваме и да се насмевнуваме… На мајка ми и се чудат, дури и ја озборуваат за тоа како можела после се да се смее, додека ниеден од нив не сврте телефон да ја праша колку солзи пророна таа сите овие месеци, додека гушната во кревет со мене и Матеа заспиваше во 21.30 секоја вечер? …
Сега, се што мораме е да создаваме убави моменти кои ќе ги раскажуваме…
Никогаш нема да ја заборавам последната реченица што ми ја кажа мојот очув кога дозна дека го запознав татко ми: „Лора, многу сум среќен што конечно се сретна со татко ти.. Знам дека за тоа сонуваше..„
Секогаш ќе го паметам како човек со големо срце и душа, човек што ме научи на многу работи во животот и вечно ќе сум му благодарна за тоа.
Знаете ли колку е тешко да ја гледате својата мајка како тагува, а да сте немоќни да ја намалите нејзината болка? Со недели се молев барем еднаш да ја видам со насмевка на нејзиното лице… Со ноќи заспиваше во мојот скут, а јас ја галев нејзината коса …паралелно ќе ми стигнеше порака на вибер од тато , да праша како сме…
Замислете која иронија.. 10 години немав контакт со мојот татко.. и во моменти на тага кога се обидувам да ја смирам мојата мајка, не можам да се израдувам на порака од мојот татко….
Во животот сум имала моменти кога не сум знаела како да постапам, како да се справам со одредена ситуација, секогаш сум барала совет од мојата мајка. Од татко ми не можев да побарам со години, но од растењето со еден родител научив многу. Научив да бидам силна личност која нема да дозволи да ја повреди никој. Личност со свој карактер, што нема да копира никого, туку ќе биде оригинална и своја, ќе оставам другите да ме копираат.
Од мала сфатив колку животот може да биде суров, непредвидлив, колку малку е потребно за некого да направиш среќен… нема потреба некој да направи нешто големо за да видиш дека некому значиш нешто, дека си му важен во животот.
Малите нешта го прават човекот голем.
Секогаш се сметав и сеуште се сметам за победник кога ќе видам насмевка на лицето на мојата мајка…знаејќи дека јас сум заслужна за тоа. Толку ме исполнува нејзиното насмеано и ведро лице, просто ми го прави денот преубав. Во оваа прилика би и се заблагодарила за се што таа правела и сеуште прави за мене!“.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top