Книгата раскази „Динга стоп: скопски приказни од Ново маало“ од Владимир Плавевски вечер од 19 часот ќе биде промовирана во скопската населба Ново маало, а утревечер во истиот термин во книжарницата Литература.мк на ул. „Македонија“.
Ново маало е автентичната скопска населба која е во фокусот на расказите на Плавевски, кој ќе има средба со своите новомаалци за да се потсетат на животот и луѓето од старо Скопје и некогашно Ново маало.
Издавачот „Арс Либрис“ посочува дека во збирката може да се прочитаат носталгични и емотивни реминисценции за одамна минато време и за едно невино детство изгубено во маалскиот амбиент. Според Плавевски, Ново маало сè уште постои и е речиси исто и непроменето како и пред седумдесет години – времето кога биле реалност расказите содржани во книгата.
– Ново маало своевремено било центар на светот за новомаалците, микрокосмос од кој почнува и завршува сè. Таму се зборувал локален, маалски јазик и имал свое наречје, различно од тоа на соседните маала, поради што неретко луѓето не се разбирале меѓусебно. Маалската гордост ја чувале маалските банди, секогаш закрвени со тие отспротива. И покрај скудниот начин на живот, маалските улици ечеле од детскиот џагор и нивните необични игри, наведува „Арс Либрис“.
Во книжарницата Литература.мк книгата раскази утревечер ќе ја претстави новинарот Мојсо Мојсовски,, a извадоци ќе чита актерката Снежана Конеска-Руси. Со овој настан во книжарницата ќе биде одбележана 55-годишнината од скопскиот земјотрес.
Владимир Плавевски (Скопје, 1948) дипломирал на Медицинскиот факултет во Скопје во 1974 година. Член е на Друштвото на писателите на Македонија од 2000 година. Автор е на сценарија за ТВ-серии, филмови, радиодрами, драмски текстови, раскази и романи. Во 2013 година, ја доби наградата Роман на годината на „Утрински весник“ за романот „Јадица“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.