Во 221. број на неделникот „Република“, кој е во продажба од утре, 25.11.2016 година, ќе читате:
Интервју: Стевчо Јакимовски, претседател на ГРОМ
Заев е најголемиот предавник на македонските национални интереси
Да кажеш „твојот народ има грдо лице“, да кажеш дека „не може за сѐ другите да ни се криви, вината е кај нас“, да кажеш дека „голем проблем на Балканот е твојот народ“, мислам дека нема поголемо предавство, односно велепредавство за еден човек. Вакво нешто немаат кажано ни најтешките националисти од соседните земји. Тоа се многу тешки зборови упатени на штета на сопствениот народ. Да бидам искрен, јас не знам и зошто водиме политичка кампања, зошто правиме митинзи, зошто правиме трошоци. По мене, изборите завршија во Берн. Зоран Заев се откажа од Македонците, се откажа од Македонија, кажува опасни тези што не ги кажал никој досега, направи голема штета, и на државата, и на македонскиот народ, и на сите граѓани на Република Македонија. Мислам дека дури не треба ни толку енергија, само треба да се дозволи Зоран Заев повеќе да си ги објаснува своите ставови, во секое дообјаснување тој само се, како да кажам, дозакопува и чудно е како тоа го трпи Социјалдемократскиот сојуз. Некогаш таа партија беше државотворна партија. Глигоров велеше Македонија ни е сѐ што имаме. Очигледно за овој човек Македонија не е сѐ што имаме и мислам дека сериозно треба да се преиспита. Тие некогаш ми велеа, ме озборуваа мене дека јас сум бил предавникот, сега јавно ги прашувам повторно кој е сега предавникот, дали јас Стевче Јакимоски или нивниот претседател Зоран Заев е предавникот? Не само на партиските интереси, туку и на националните интереси, вели претседателот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски во интервју за неделникот Република.
Зоран Заев е мртов политичар
Гласот за Заев е глас против Македонија
Зоран Заев, конечно, расчисти со сите Македонци и со сè што е македонско. Нема веќе тајни, нема недоумици. По речиси две години, лидерот на опозицијата ги отвори картите и јасно покажа која беше целта на неговите „бомби“. „Борбата против режимот“, всушност, било „борба за правата на Албанците“, со крајна цел – редефинирање на државата. Сето друго било само параван зад кој требало да се скрие ова антимакедонско сценарио. Да бидеме на чисто, Зоран Заев не само што ги предаде Македонците, туку ги предаде и партијата, коалициските партнери, соборците од шарената револуција, обичните граѓани… сите тие што искрено поверуваа дека води битка за позитивни промени и реформи, кои ќе придонесат за подобар живот на граѓаните, а не за промени на Уставот и за проширување на Охридскиот рамковен договор. Во овој случај, не би сакал да коментирам за наивноста на тие што му верувале досега, туку би сакал да ја нагласам опасноста што произлезе од поддршката што толку наивно му ја дадоа и сè уште му ја даваат на овој човек.
СДСМ со програма за федерализација
Заев најавува промена на Уставот и нов Охридски договор
Алармот е вклучен, колку и да се обидува СДСМ и неговите коалициски партнери да ги ублажат ветувањата на Заев пред албанските гласачи за уставно редефинирање и воведување двојазичност во целата држава. Тоа што подолго време се предупредува дека целта на кризата е токму тоа – редефинирање кое би довело до федерализација на државата – сега е високо на агендите во оваа изборна кампања. Во кампањата има една работа за која се согласуваат и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ; а тоа е дека изборите на 11 декември ќе бидат референдум за тоа во каква Македонија ќе живееме. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата децидно се против концептот на двојазичност и уставно редефинирање на Македонија, кои би довеле до идна федерализација. СДСМ, пак, не престанува со двојните настапи – повторување на ветувањата дадени пред албанската дијаспора на средбите со гласачите Албанци во Македонија, па нивно ублажување пред гласачите Македонци.
СДСМ никогаш немал полоша кампања
Дваесет дена лаги, оцрнувања и лажни ветувања
Дел од партиите не чекаа ниту еден ден, ниту еден час за да почнат со своите оцрнувања на политичкиот противник и со ветувања кои на најголем дел од граѓаните им е јасно дека се нереални, но, сепак, тоа не е пречка тие да се „гарантираат“. Иако граѓаните во текoт на годините преполни со лаги и со ветувања веќе научиле да не веруваат никому, освен ако самите не се увериле во вистинитоста на ветувањата, дел од политичката елита мисли дека сѐ уште може да го лаже народот.
Прилепска пародија: амбасадорите си плукнаа на непристрасноста
Заев во улога на брачен советник ги спои разведните ЕУ и Британија
Дали ОБСЕ ќе извести дека меѓународната заедница јавно го прекрши Изборниот законик? Амбасадорите, кои цело време ни попуваат за непристрасност во медиумите, за објективност и незаземање страна, силно и со залет си плукнаа на кажаното и го сторија спротивното, па демек случајно, Жбогар и Гарет се најдоа во ист ден на исто место со Заев. Ја поддржуваат ли и федерализацијата на Македонија? Но преседанот роди друг преседан. Заев, конечно, обедини и спои некого во својата лидерска кариера. Да, ЕУ и Британија се разведоа пред пет месеци. Сега се заедно поради непослушното, палаво и посвоено милениче. Тоа, пак, меша и тера два филма – на Албанците им нуди двојазичност и без проблем го отвора Уставот, а пред Македонците нема шанси да го чепнел. Првпат и не излажа. Нема да го чепне, затоа што нема да има шанса да го направи тоа. За „чепкање“ треба победа…
Колумна, Никола Србов
Затворање на македонското прашање по мера на соседите
Република Македонија влезе во завршницата од кризата, која трае две години и во која се поткопаа темелите на државата. Република Македонија се нема соочено со вакво искушение уште од нејзиното конституирање како држава со АСНОМ на 2 август 1944 година. Доведено е во прашање нашето постоење и како народ и како држава. Во Втората светска војна војувавме сплотени против странски окупатори, се боревме за тоа што е наше и за тоа што сакаме да го создадеме во иднина. Кога се осамостојувавме во 1991 година, ние Македонците на референдум се боревме против надворешни негатори. Во 2001 година, ние Македонците војувавме против сили што нè нападнаа од надвор. Денес за првпат се случува да бидеме директно нападнати однатре, ни се поткопува унитарноста од една македонска политичка партија, која ја предводи Македонец. Овој Македонец, покрај распродавањето на државата, сака да се сврти брат на брат со камата што секогаш сме ја чувале за непријателите на нашата земја.
Колумна, Ацо Станковски
Морков и стап
Старата добра преговарачка тактика на империјалистичките сили – „морков или стап“, е веќе одамна етаблирана во меѓународните односи, кога е потребно да се обезбеди одредена позиција за реализација на предвидениот интерес. Резултатот на оваа игра е секогаш однапред познат, но во името на процедурата, хуманиот импресум и, конечно – зачувувањето на дигнитетот на хегемонот, секогаш се иницира некаков дуализам, некаков избор, кој по секое „виткање кичма“ на субјектот, се менува, се додаваат нови и нови барања, додека работата не се заврши со задоволување на сите поставени барања и отстапени интереси, до капитулација, а понекогаш и до своеволно самоубиство. Политичко, и секакво поинакво општествено себеуништување.
Црните страници на УДБА
Tом VIII – Следењето, обработката и обидите за растурање на ВМРО-ДПМНЕ
На 1375 страници во два дела е поместен томот VIII „Следењето, обработката и обидите за растурање на ВМРО-ДПМНЕ“ од едицијата „Црните страници на УДБА“ и опфаќа 29 лични досиеја, досието „Темел“ – псевдонимот на партијата ВМРО-ДПМНЕ и избор на документи.
Двоглед
Заев: Ќе бираме судии само со членска од СДСМ
Лидерот на СДСМ Зоран Заев најави дека една од клучните точки во програмата на опозицијата ќе е генералниот реизбор на судии во Македонија.
Според Заев, судството мора да биде целосно реформирано бидејќи сегашното судство воопшто не им е по мерак на криминалците, раководството на СДСМ, аболицираните криминалци како Зоран Заев, членовите и активистите на опозицијата каде што Заев е прв човек на опозицијата.
„Ќе спроведеме генерален реизбор на судии бидејќи до кога судиите ќе судат против опозицијата. Па што ако сме направиле криминал, ние сме опозиција и сме помали, послаби и понежни. Ако судот се дрзне, се одважи да суди некој од опозицијата, да знаете сигурно дека иако ја брани правдата, е инструиран и натеран од владеачката партија за да го стори тоа“, изјави Заев.
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.