Во новиот број на неделникот „Република“, кој е во продажба од утре, 18.11.2016 година, ќе читате:
Интервју: Борис Змејковски
Народот силно ќе го казни Заев, за Македонија се работи
Во СДСМ ја имаат увидено реалноста дека партијата нема програма, нема визија за иднината на државата. Имајќи го предвид фактот дека таквата партија веќе не добива поддршка од граѓаните на Р. Македонија, а тоа им се случува неколку пати, тие на секој начин ќе се трудат да бидат во влада без избори. Сепак, мислам дека на претстојните избори ќе се стави крај на кризата. Сакале тие или не. Ќе претрпат сигурен пораз.
Затоа, со едно посебно внимание, ќе мора сите да придонесат за овие избори бидејќи овие избори се од таков карактер. Не се работи за тоа дали јас ќе бидам пратеник, тоа е најмалку моја лична желба. Не се работи за моето пратеничко место или за партијата ВМРО-ДПМНЕ, туку се работи за Република Македонија, вели Борис Змејковски, еден од основачите на ВМРО-ДПМНЕ, во интервју за Република.
Карма ис а бич
Чадорот се скрши, џукелите се с’снаа по своите
Сега, кога се распадна чадорчето и кога е повеќе од очигледно дека најголемиот дел од нив не само што останаа со празни раце, туку и дека го навлекоа гневот на своите омилени криминалци поради јавното критикување на одлуките на Црпнатиот, наеднаш им текна дека ова со насилствата било опасна работа, дека местото на „јаките момци“ било под земја и дека сето ова морало веднаш да престане. Види, види! Какво непријатно будење.
СДСМ ветува сѐ што ВМРО-ДПМНЕ остварилa
Заев се фали со проектите на Груевски
Доколку некој навистина се подготвува цела година за избори, имајќи ги предвид и двете одложувања за април и за јуни, па и згора на тоа и толкавиот притисок за избори од опозицијата чијшто предводник се смета дека е Заев, не може да се ветуваат наводни проекти кои или се остварени и функционираат, или се косат со основната логика. Всушност, сѐ укажува на тоа дека тоа се истите идеи кои еднаш се викаа „Решенија за Македонија“, па „Визија за Македонија“, а сега се викаат „План за Македонија“.
Расте паниката во СДСМ
Заев ќе го чистел судството да ѝ отвори пат на Катица
Две во едно. Не се работи за ново „нескафе“, туку за последниот емотивен излив на Заев и на СДСМ. Човекот на една прес-конференција, на која најави „распуштање на судството“, си призна две нешта. Првото е дека јадењето „живи луѓе“ во форма на партиски реваншизам не му поминало, а второто дека сите тие судии што ќе ѝ излезат в пресрет на Јанева и ќе замижат на недостигот од какви и да е докази ќе бидат благословени и добро наградени по нивното доаѓање на власт. Арно ама, и судиите и чистачите знаат дека последното е ултраапстрактна именка. Изборите доаѓаат, паниката во СДСМ расте, а Катица извади само членска книшка и уплатница, но не и обвинение…
Колумна, Горан Момироски
Ќе се бришат ли линиите на огнот?
Со сопруга Словенка, блиска семејна пријателка Србинка, шеф на кабинет со грчко потекло, новиот американски претседател ќе има дополнителни причини за промена на американската политика на Балканот. Примарните причини се зајакнување на нарушеното американско влијание во регионот и одговор на сѐ посилните руски финансиски и политички проекти на Балканот. Не помалку важен е и стравот од нова масивна бегалска криза која не е проблем за САД, но е проблем за нивните стратешки партнери во Европа од кои, што и да се случи, дури ни Трамп не може да се откаже.
Колумна, Никола Србов
Заев во кампања со барањата од „Диво Насеље“ и со проектите на ВМРО-ДПМНЕ
Федерализацијата на Република Македонија била есенцијата во кризата која ја создаде Заев и истата трае веќе две години. Откако пропадна планот со „Диво Насеље“, кампањата се сврте во друг правец, Заев почна да бара поддршка од Албанците во државата, додека кај Македонците почна да нуди нереални проекти или проекти што веќе се спроведени од Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Токму фактот дека СДСМ нема смислено ниту еден проект за водење на кампањата пред престојните парламентарни избори е доволен индикатор дека тие полагале надеж во насилното преземање на власта во државата.
Колумна, Ацо Станковски
Сурово будење (RUDE AWAKENING)
На 8 ноември многумина се разбудија во една нова политичка реалност, но еден огромен дел од нив таа нова политичка енергија што изби со победата на претседателскиот кандидат Доналд Трамп ја дочекаа како будење на јаве, всушност, како едно шокантно расонување од хипнотичкиот сон што го сонуваат со децении, а кој еве, конечно престана, го снема како меур од сапуница, оставајќи ги разбудените да се соземат од шокот.
Двоглед
Заев: „Груевски нема да ме победи дома, сите роднини, освен кучето, ќе гласаат за мене“
Експертите велат дека Заев избегал во „четворката“ бидејќи е многу хуман и добротворен дух, душа од човек, кој не сака да ги поразува своите противници. Пријателите на Заев велат дека тој е толкав пацифист и хипик што би сакал, ако може, да победи на избори без да загуби кој било – да победи токму тој. Или, пак, воопшто да нема избори туку директно да му е доделена владата на Заев, а притоа никој да не биде повреден со пораз на избори.
*** Целта на „Двоглед“ е да се сврти вниманието на одредени појави во општеството. Секоја сличност со вистинските луѓе и институции е случајна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.