Реномираниот шпански портал АС ги објави можните состави за вечерашниот дуел меѓу Шпанија и Македонија од 20:45 во Гранада. Столе Димитриевски ќе застане на голот, напред Несторовски и Пандев, објави Офнет.
После три одиграни кола, Шпанците имаат две победи и една нерешена со гол разлика 11:1. Единствениот гол го примија во Торино кога Де Роси во финишот од пенал и донесе бод на Италија. Македонија од друга страна според игрите заслужи најмалку четири бода, но и покрај тоа после три меча сме претпоследни со три порази и гол разлика 4:7.
Новинарот на АС, Луис Нието во статијата посветена на овој меч го потенцира отсуството на повредениот Андрес Иниеста, кого најверојатно ќе го замени Тијаго Алкантара.
На последниот прес пред мечот, синоќа шпанскиот селектор со пофални зборови збореше за составот и играта на Македонија.
„Без разлика кој ќе игра, Шпанија мора да победува во ваква тешка група. Македонија воопшто не е противник за потценување, бидејќи ја анализиравме нивната игра во досегашниот тек на квалификациите, а особено беа опасни против Италија. Тоа ни е знак за аларм, да не ги потцениме. Доста се организирани и имаат опасен напад. Македонците требаше да победат против Италија, а тоа што го прикажаа на теренот беше одлично. Ги познавам добро нивните играчи. Имаат одличен тим, но нема да именувам никого како посебно опасен, иако ги знам квалитетите на Пандев, Несторовски, Бабунски, Алиоски“, изјави Лопетеги.
Во ситуација кога му фалат Серхио Рамос, Пике и Жорди Алба, одбраната е најолема мака на Лопетеги.
Од друга страна селекторот Ангеловски може да смета на сите повикани. Според најавите, тој вечерва ќе го изведе следниот состав: Столе Димитриевски на голот, во одбраната: Алиоски лево, Ристевски, Шиков и Мојсов како централна тројка стопери а десно ќе игра Стефан Ристовски. Пред нив во средниот ред ќе бидат Барди, Бабунски и Хасани а во нападот одличниот Несторовски и Горан Пандев.
Шпанците би требало да истрчаат во состав: Де Хеа, Карвахал, Начо, Бартра, Монреал, Бускетц, Коке, Тиаго Алкантара, Давид Силва, Мората и Витоло.
Последен пат овие две селекции се сретнаа во Скопје во септември 2015 година, кога со голот на Мата, Шпанија славеше со 0-1, а во последниот дуел во Шпанија во септември 2014 година, во Валенсија нашата селекција беше поразена со 5-1.
Судија на мечот ќе биде Австриецот Шоргенфахфер а дуелот се игра на стадионот „Нуево Лос Карменес“ во Гранада.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.