Шпанските репрезентативци продолжуваат со подготовките за саботниот дуел со Македонија, а „црвената фурија“ денеска ја одржа и првата прес-конференција на која присутвуваа резервниот голман Серџо Асенхо и Серџо Ескудеро. Шпанците по дуелот со Македонија ги очекува патување за Лондон на пријателски натпревар против Англија, но избраниците на селекторот Лопетеги се максимално фокусирани на пресметката со нашата репрезентација.
– Нашите погледи се кон Македонија, за Англија ќе размислуваме по сабота. Приоритет ни се трите бода бидејќи желба на сите нас е да го освоиме првото место во групата. Нема никакво опуштање, мечот со Македонците е најважен за нас во моментов. Точно е дека ни недостигаат Пике и Рамос, но затоа имаме играчи како Силва и Бускетс, кои исто така се родени лидери – изјави Асенхо.
Серџо Ескудеро, кој во случај на настап в сабота ќе дебитира за сениорскиот национален тим, не го крие задоволството што е награден од Лопетеги за добрите настапи во дресот на Севилја.
– Шпанската репрезентација има многу сличен стил на игра на оној на Севилја. За мене е чест што сум повикан во репрезентацијата и се надевам дека ќе добијам шанса да ги покажам своите квалитети против Македонија – истакна Ескудеро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.