Јигит Аката е Турчин, кој пред три години за првпат дошол во Македонија. Неговата професија е причина да се пресели во Скопје. Вели дека ужива во животот овде, ја сака македонската храна и му годи вниманието што го добива од пријателите во Македонија. Јигит е вљубен во Охрид и вели дека Охридско Езеро е првото во кое пливал. Дополнителна причина за убавиот живот во Македонија е и љубовта. Јигит од неодамна е македонски зет.
Кога за првпат дојдовте во Македонија?
Mојот прв ден во Македонија беше 8 јануари 2013 година. Првично дојдов овде за да работам на проект, кој требаше да трае шест до осум месеци месеци, но беше потребно повеќе време и останав во Скопје. Искрено, многу сум среќен што сум овде и никогаш не размислувам да се вратам во Турција. Ова е градот во кој живеам.
Доаѓате од земја со поинаква култура и традиција од таа во Македонија. Како успеавте да се адаптирате на животот овде?
Всушност и не е толку различно од Турција и од турската култура. Турците и Македонците споделувале иста култура и традиција стотици години и во денешната секојдневна рутина, менталитетот, јазикот можете многу лесно да пронајдете докази за тоа. Македонија е најдоброто место во светот во кое можеш да живееш како Турчин. Бев навистина изненаден кога научив дека имаме толку многу исти зборови како, пенџер, кајсија, мердевен, рушвет и сл. Балканскиот менталитет или навиките се слични на оваа територија. Поради тоа не ми требаше долго за да се навикнам на животот во Скопје. Ми требаше време да се навикнам на новата позиција и одговорностите што ги добив.
Дали Македонците Ви помагаат кога Ви е потребно?
Апсолутно! Тие се главната причина поради која успеав да се адаптирам на животот во земјата. Луѓето што ги познавам се, навистина, отворени и секогаш ги чувствувам нивните позитивни мисли. Кога и да ми е потребно, или дури и кога не ми е потребно или не сфаќам дека ми е потребно тие секогаш се покрај мене. Посебно кога велам дека сум од Турција тие се заинтересирани за нашата култура, турските серии, традицијата, Истанбул и сѐ друго. Тоа е, навистина, добро чувство кога сте далеку од дома.
Кое е Вашето мислење за луѓето во Македонија?
Тие, навистина, се луѓе што сакаат да помогнат, секогаш позитивни и учтиви. Како странец, можеби, имам поголемо внимание, но, навистина, ова е моето вистинско чувство за луѓето во Македонија. Тие се секогаш позитивни и не сум добил негативен впечаток за нив. Можам само да кажам дека сакаат да уживаат во моментите и во животот. Не сум сигурен дали тоа е нешто позитивно или негативно, но луѓето во Турција се многу повеќе преокупирани со својата работа. Ние, можеби, ќе пропуштиме нешто од животот или ќе се фокусираме на професијата, но, како што можев да забележам, за Македонците приватниот живот е на прво место, а потоа сѐ друго.
Колку имате слободно време за да патувате низ Македонија?
Поради мојата професија многу патувам низ Македонија. Тетово, Гостивар, Охрид, Битола, Кичево, Гевгелија, Штип, Струмица, Велес и др. Речиси сум бил во секој град во Македонија. Ја сакам природната убавина во оваа земја. По пат е како да сте на терапија додека да стигнете до некој од градовите. За жал, може да се забележи неправедниот развој во земјата како што е и во Турција. Истанбул е центарот на сѐ и затоа стотици илјади луѓе доаѓаат од другите градови. Слично е и во Скопје.
Според Вас, кои се најдобрите места за посета во Македонија?
Дефинитивно, Охрид. Тоа е најдобрата дестинација во пролет и во лето. Никогаш немав пливано во езеро, додека не отидов во Охрид. Ми беше малку чудно на почетокот, но многу ми се допаѓа. Каде што завршува шумата, почнува езерото и тоа е прекрасна глетка.
Ви се допаѓа ли храната и македонските рецепти?
Сакам месо, ќебапче, ајвар, пинџур, бурек, пита. Затоа качив килограми откако се преселив во Скопје. Според мене, пекарските производи се најдобри. Традицијата кон храната е многу слична со нашата, освен појадокот. За луѓето во Турција појадокот е најважен и посебен оброк во текот на денот. Ги полниме чиниите колку можеме повеќе и сакаме да имаме различна храна.
Ви недостига ли Вашата земја?
Ми недостигаат само моето семејство и пријателите. Мојата е земја е таму каде што живеам и чувствувам дека припаѓам. Во Македонија ги имам и двете и затоа чувствувам дека е моја родна земја. Сепак, и моето семејство ми е слаба страна. Ми недостигаат многу, а и јас им недостигам многу. Но, добро е што со авион ви е потребен само еден час и не ви е потребна виза така што лесно можеме да патуваме со моето семејство.
Кои се Вашите планови, ќе останете ли во Македонија?
Да, колку што знам и мојата компанија донесе одлука да останам во Македонија и јас сум среќен за тоа. Но, како што споменав претходно, јас сум Турчин и јас сум фокусиран на мојата професија. Така што ако мојата компанија ми даде друга задача на друга локација, ќе заминам. Како и да е, ќе мора прво да ја консултирам и мојата сопруга. Штотуку се оженив за Македонка и тоа е дополнителна причина поради која би сакал да живеам во Македонија.
Пишува: К.Н.К.
(текстот е објавен во 218 бр на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.