| четврток, 6 декември 2018 |

Струга пред нови избори, во Тетово на повидок коалиција меѓу ДУИ и СДСМ

И по два месеца од локалните избори, Градоначалниците на Струга и на Тетово, Зијадин Села од ДПА и Теута Арифи од ДУИ не можат да формираат мнозинство во Советите со што практично е закочена работата во овие општини.

Советот на Струга има 27 советници од кои 11 се на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ „Заедно за Струга“,по 7 имаат ДПА и ДУИ и двајца НДП.

Од партијата на Тачи, од чии редови е новиот градоначалник Зијадин Села, кој седна на фотељата благодарение на поддршката на ДУИ, тврдат дека нема шанси да коалицираат со СДСМ и со ДУИ. Од коалицијата „Заедно за Струга“ пак, велат дека тие се расположени за коалицирање со советниците на ДПА, но како услов бараат да го добијат претседателското место во Советот и неколку други директорски места, но и во коалицијата да бидат сите советници од „Заедно за Струга“, а не само од ВМРО ДПМНЕ.

Поради комплицираната ситуација во советот, веќе се зборува дека се можни нови избори за советници на општината.

Во Тетово има слична ситуација. Бројот на советници во оваа општина е 33, од кои 12 се од ДУИ, 10 од ДПА, 5 од ВМРО-ДПМНЕ, по двајца имаат СДСМ и ВМРО-НП, а по еден НДП и ДПТ.

Во Советот на општина Тетото се зборува за можна соработка меѓу ДУИ и СДСМ, затоа што партијата на Ахмети имал проблеми да договори коалиција со ВМРО ДПМНЕ од каде барале претседавачко место во Советот и неколку раководни позиции. Дневник повикувајќи се на свои извори од партијата, пишува дека ДУИ не била подготвена да и го испорача ветеното на ВМРО-ДПМНЕ пред изборите, односно претседавачкото место во Советот, неколку раководни места, вработување Македонци според Рамковниот договор, изградба на црква во Тетово, како и ветувањето да не се подигаат споменици на ОНА.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top