| четврток, 6 декември 2018 |

На „Ало докторе“ за една недела 1.422 повици

На телефонската линија 02/15 123 за медицински совет „Ало докторе“ во изминатите седум дена (од 31 октомври до 6 ноември) имало 1.422 повици.

Здравствен дом Скопје соопшти дека од 15 септември 2014 година кога почна да работи линијата, досега, имало 118.053 повици.

Линијата е достапна секој ден 24 часа со цел да се овозможи непосредна медицинска консултација во моментот на појава на какви било симптоми на нарушување на здравјето.

Дваесет и пет доктори се достапни за медицински совет за јавувањата кои се од граѓани од сите градови на Македонија.

Повиците се со широк спектар на најразлична симптоматологија, најчесто за кардиоваскуларни и респираторни симптоми, главоболки, зголемена телесна температура, стомачен вирус и симптомна болка.

На линијата „Ало докторе“ често се јавуваат граѓани за совети поврзани со терапијата која редовно ја примаат за хроничните болести и за симптоми поврзани со крвен притисок.

На сите оние лица кои побарале медицински совет на телефонската линија „Ало докторе“ им е дадена здравствена помош со совет и соодветна симптоматска терапија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top