Вкупно 25 доктори 24 часа на ден одговараат на повиците на македонските граѓани на бројот 02 15 123 или уште познат како „Ало, докторе“. За повеќе од две години, центарот брои повеќе од 140 илјади јавувања, односно неделно се јавуваат меѓу 1.200 и 1.500. Во одредени случаи, лекарите на „Ало, докторе“ успеале да спасат и живот на младо момче каснато од змија.
– Бројот е максимално искористен од сите. Меѓутоа, најчесто се јавуваат најранливите, старите лица што, главно, живеат сами, потоа самохрани родители. Во период на викенд и распуст бројот се користи од млади лица, од адолесценти – вели специјалист д-р Татјана Баевска–Вучковиќ, директорка на Здравствен дом – Скопје.
Повикувачкиот центар „Ало, докторе“ работи повеќе од две години. Кој го сочинува тимот што одговара на прашањата на пациентите?
БАЕВСКА-ВУЧКОВИЌ: Во септември 2014 година почна да работи повикувачкиот број 02 15 123 или центарот за информации „Ало, докторе“, една едноставна алатка во здравствениот систем која првпат доближува ваков вид здравствени услуги до граѓаните на Република Македонија. „Ало, докторе“ е сместен во базата на Итната медицинска помош во Скопје, во близина на поликлиниката „Букурешт“. Поврзан е со диспечерскиот центар на Итната медицинска помош од Скопје при Здравствениот дом – Скопје, а проектот е организиран и се ангажирани надвор од работното време колеги, специјалисти, доктори, меѓутоа, и пензионирани колеги кои работат 24 часа. Досега вкупно броиме 25 доктори, и тие се 24 часа достапни на граѓаните на овој број кога имаат потреба.
Дали бројот стана препознатлив?
БАЕВСКА-ВУЧКОВИЌ: Првпат една ваква услуга се доближи до граѓаните. Бројот, навистина, стана препознатлив. До денес броиме повеќе од 140 илјади. Неделно, таа бројка се движи меѓу 1.200 и 1.500 јавувања, говорат нашите извештаи. Во периодот на одредени ситуации и состојби, како што беше елементарната непогода со поплавите, земјотресот, потоа периодот на респираторни и грипозни состојби, бројот расте и се движи меѓу 1.700 и 2.000 јавувања неделно. Просекот, главно, е меѓу 1.200 и 1.500 јавувања. Ги следиме потребите на граѓаните. При одредени ситуации, како овие што претходно ги набројав, се зголемува бројот на колегите што се во одредена смена. „Ало, докторе“ е едноставна, но многу корисна алатка. Во текот на 24 часа граѓаните може да добијат соодветен медицински совет, соодветна симптоматска терапија за одредена состојба и стручно лице да ги упати што да преземат понатаму. „Ало, докторе“ ниту лекува ниту дијагностицира преку телефон. Едноставно, секој човек во одреден момент има потреба да се обрати на стручно лице за да добие соодветен совет.
Кој најчесто се јавува на 02 15 123?
БАЕВСКА-ВУЧКОВИЌ: Бројот е максимално искористен од сите. Меѓутоа, најчесто се јавуваат најранливите, старите лица што, главно, живеат сами, потоа самохрани родители. Во период на викенд и распуст бројот се користи од млади лица, од адолесценти. Илустративно, една мајка што е сама дома, не може да отиде на лекар ако детето има 40 температура, наједноставно ѝ е да го повика овој број и да добие соодветен совет. Или младите, ако консумирале повеќе алкохол, па некогаш не знаат или не можат да се справат, а срам им е или страв од родителите, го користат овој број. Пред да се формира „Ало, докторе“, единствен број на кој можеа да се јават граѓаните беше тој на Итната медицинска помош како прва линија на здравствена услуга или совет. Со „Ало, докторе“ успеавме за 30 проценти да го ослободиме Диспечерскиот систем на Итната медицинска помош од состојби и ситуации што не се за него. Двата центри се поврзани. Ако колегата од „Ало, докторе“ смета дека повикот е за Итна медицинска помош, тој го препраќа бројот и понатаму се преземаат интервенции и обратно. Така си помагаме во системот, да се систематизираат работите и бројот 194 да биде растоварен бидејќи тоа е служба за итни случаи.
Кои се најчесто поставуваните прашања?
БАЕВСКА-ВУЧКОВИЌ: Промени поврзани со климатското време, промени на расположението кои се поврзани со климатското време. Граѓаните се јавуваат и за одредена дијагностичка процедура, често се јавуваат млади мајки за да се консултираат за одредена вакцина, за реакциите што ги предизвикува таа. Периодот на тинејџерство и пубертет знае да биде турбулентен, па тинејџерите некогаш имаат потреба да разговараат со некој друг, а тоа да не е родителот. Токму во таа насока младите ни дадоа идеја – во текот на годината да оформиме посебен повикувачки број во соработка со МВР за млади и адолесценти. Многу е важно да знаат каде може да се обратат за да во одредени ситуации им помогнат стручни лица. Статистиката покажува дека најголемиот број сообраќајни несреќи, главно, се од млади во алкохолизирана состојба.
Сигурно има и интересни моменти кои би можеле да ги споделиме со јавноста. Во неколку ситуации тимот на „Ало, докторе“ спасил луѓе од сигурна смрт?
БАЕВСКА-ВУЧКОВИЌ: Има и такви ситуации. Една од нив е случајот од летото 2015 година. При планинарење на двајца другари во источна Македонија, едниот бил каснат од змија. Тие биле прилично оддалечени од градот и од здравствена установа. Се јавиле на „Ало, докторе“ и оттаму добиле совет како да постапат до симнувањето во градот и каде момчето да прими серум. На тој начин е спасен живот на младо момче. Бројни се случаите кај родители кои не се во можност да дојдат до лекар и се советуваат како да се намали температурата на детето. Многу се страшни моментите на конвулзии или грчеви кај децата, повраќања, дијареја, кога е можно детето да дехидрира. Имаше случај кога стара жена што живее сама се попарила со врела вода, а тимот на „Ало, докторе“ ја советува како да постапи во таква ситуација. По такви ситуации често се случува дел од граѓаните да се јават и да се заблагодарат за помошта.
Што ја одбележи 2016 година во „Ало, докторе“?
БАЕВСКА-ВУЧКОВИЌ: За време на поплавите им помогнавме на многу наши граѓани да добијат соодветен совет како да се справат со последиците од поплавата. Вообичаено помагаме и справување со последици од топло време. Следуваше период кога имавме неколку последователни земјотреси. Стравот и паниката си го направија своето и во тој период беа многубројни јавувањата. Крајот на годината и почетокот на 2017 година го одбележаа последиците од справување со студеното време. Некогаш достигнувавме и до 2.000 јавувања во текот на денот. Искуството и статистиката што ја имаме покажуваат дека „Ало, докторе“ е навистина корисен и искористен од граѓаните.
Кои се новините што ги планира Здравствен дом – Скопје?
БАЕВСКА-ВУЧКОВИЌ: Здравствен дом – Скопје претставува најголема јавна здравствена установа во Македонија и ја покрива територијата на Скопје и околните населени места. Станува збор за 17 општини на ниво на примарна и секундарна здравствена заштита. Единствена е Итната медицинска помош, девет дежурни ноќни пункта, и во таа насока визијата на менаџерскиот тим е да ги доближи здравствените услуги до граѓаните. Во изминатите неколку години се отворени нови 25 специјалистички кабинети во поликлиниките. Во 2016 година имаме седум нови специјалистички дијагностички процедури кои се почнати во Здравствениот дом – Скопје, имаме преземено 35 специјалисти од приватно во јавно здравство. Системски правиме рационализација на здравствените услуги, го растоваруваме терцијарното здравство. Минатата година ја завршиме со 95 проценти на комплетно обработени наши пациенти на ниво на секундарна здравствена заштита. Тоа значи дека само пет проценти од пациентите се препратени на терцијарно ниво. Тоа ги скратува листите на чекање.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Александар Ивановски
снимател: Дејан Станчевски
(интервјуто е објавено во 235. број на неделникот Република кој излезе во печат на 3.03. 2017 годна)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)