Првиот голман на македонската репрезентација, Борко Ристовски, токму денеска, на денот на почетокот на новиот квалификациски циклус, го прославува својот 34. роденден. Ристовски не се сомнева во квалитетите на нашиот национален тим и очекува рутинска победа над Украина, предупредувајќи дека се што треба да се направи е да се влезе во мечот со вистински пристап и да се потврди повисокиот квалитет во однос на противникот.
– За роденденот немам некоја посебна желба, здравје и среќа како и секогаш. Што се однесува до мечот, знам дека сме подобри и очекувам да победиме. Мислам дека пред нас е натпревар кој можеби на прв поглед делува дека не е голем меч, дека не се очекува нешто премногу од репрезентацијата на Украина. Сепак, со оглед на тоа дека се работи за прв меч на оваа наша селекција во овој подмладен состав, мислам дека треба да настапиме максимално сериозно. Се ќе зависи од нашиот пристап, ако влеземе во средбата онака како треба, ако играме како што знаеме, убеден сум дека ќе немаме проблем да стигнеме до победата. Не може да се направи којзнае каква анализа за Украинците, видовме одредени работи доволни за да се подготвиме. Ќе повторам, тоа е противник што не е на нашето ниво и затоа најважен ќе биде нашиот пристап, да не го потцениме противникот, да играме онака како што знаеме и умееме и резултатот нема да изостане – изјави Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.