Портпаролот на Владата, Александар Ѓорѓиев говореше во вестите на Канал 5 телевизија за големиот успех на Македонија кој се гледа од Извештајот на Светската Банка.
-Се работи за исклучително голем успех на Република Македонија. Извештајот е изготвен од врвната светска меѓународна финансиска организација, Светската банка која што има најголемо реноме, најголем кредибилитет, најголемо влијание и почитување од сите субјекти од сите земји. И тоа врз основа на методологија која што мери конкретни работи, реални работи, реални придвижувања. Тука не се работи за перцепции, не се работи за политички влијанија. Се мери дали е направен напредок, дали се реализирани мерки или не се реализирани мерки. Колку тие мерки што се реализирани го подобриле деловното опкружување, бизнис климата, амбиентот и колку тоа помогнало во подобрувањето на целокупната бизнис клима која што е од значење и за домашните и за странските компании. Дотолку повеќе што ова е една потврда за успехот на владините економски политики, дадена од релевантен фактор, без никакво влијание. Ова не е суд ниту на владата, ниту на владејачката партија ниту на опозицијата. Ова е суд на светската меѓународна, финансиска организација Светска банка, рече Ѓорѓиев.
Според него е особено значајно што е постигнато сериозно придвижување и Македонија се наоѓа на врвот на таа листа, во период кога земјата се соочува со одредени политички предизвици.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.