| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската литература на саемот на книга во Франкфурт

Претставници од неколку македонски издавачки куќи како и познатите македонски автори Влада Урошевиќ, Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски чии дела се веќе преведени на неколку светски јазици и ќе бидат промовирани на саемот, ќе говорат за своите искуства

Постојат многу причини да се биде овој октомври во Франкфурт и да се посети најголемиот саем на книгата во светот. Од 19 до 23 ова ќе биде местото каде издавачите, авторите и љубителите на книгата ќе доживеат една „поинаква страна на книгата“. Најголемиот саем на книгата во светот од денеска ги отвори вратите за издавачката фела, а од викендов ќе биде отворен за сите посетители.

Македонскиот промотивен штанд е сместен во петтата хала за меѓународни учесници. На 32 метри квадратни се претставени 500 наслови од над стотина македонски автори меѓу кои и „130 тома македонска книжевност“ преведени на англиски јазик како и „Антологија на македонската литература“ преведена на германски јазик. Комесар кој годинава го подготви претставувањето на Македонија во Франкфурт е Асоцијацијата на македонски издавачи преку издавачката куќа „Арс Ламина“, а со поддршка на Министерството за култура.

unnamed-1

– Годинава на посетителите во Франкфурт им нудиме поинакво доживување од Македонија. Инспирирани од песната „Созвучја“ на Шарл Бодлер во која во еден стих се вели „…човекот низ шума од симболи е патник…“ (“…man passes there through forests of symbols…”), македонската литература и култура, а воедно и македонската издавачка дејност, се претставени токму преку специфични симболи. Оваа песна која е инспирирана од расказот „Крајслеријана“ на германскиот писател, композитор, диригент и музички критичар, Е.Т.А. Хофман метафорички е преточена во дизајнот на штандот. Преку буквите од македонската азбука, глаголицата и кирилицата, како симболи кои ги содржи секое македонско литературно дело, на несекојдневен начин сакаме да го претставиме патувањето и напорите на македонските автори и издавачки куќи за освојување на меѓународната книжевна сцена – вели Бранка Бугариска од издавачката куќа „Арс Ламина“.

unnamed-2

Темата „Промоцијата на македонската литература и пробивот на македонските автори и издавачки куќи на меѓународната книжевна сцена“ е во фокусот и на главниот настан на македонскиот штанд, кој ќе се одржи во сабота на 22.10 под мотото „Созвучја“. Претставници од неколку македонски издавачки куќи како и познатите македонски автори Влада Урошевиќ, Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски чии дела се веќе преведени на неколку светски јазици и ќе бидат промовирани на саемот, ќе говорат за своите искуства.

Академик Влада Урошевиќ е еден од најзначајните преставници на македонскиот модернизам: поет, раскажувач, романсиер, книжевен и ликовен критичар, есеист, антологичар и преведувач, Гоце Смилевски е претставник на помладата генерација македонски автори кој е веќе преведуван на повеќе странски јазици и има добиено повеќе европски награди кои сведочат за неговиот успех, како и младиот автор Ненад Јолдевски кој е добитник на овогодинешната награда за литература на Европската Унија.

Во рамките на овој настан, на саемот ќе биде претставен и најобемниот и најмодерен Голем германско-македонски речник во 4 тома на авторите Нина Димитрова-Шмигер и Роланд Шмигер. Брачниот пар Шмигер, кој цели 18 години работел на неговата изработка ќе говорат за процесот на создавање на еден ваков голем проект и за нивната успешна приказна при пробивот на книжевната сцена во Германија.

unnamed-3

Претходниот ден, во петок на 21.10. ќе биде промовирана литература за деца од македонски автори меѓу кои и едицијата „Бајки од Македонија“.

Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот саем на меѓународната издавачката индустрија со 7.100 излагачи од повеќе од 100 земји, околу 275.000 посетители, има повеќе од 4.000 настани и околу 10.000 акредитирани новинари, вклучувајќи и 2.000 блогери.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top