Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп ја изведе претставата „Figurae Veneris Historiae“ (Љубовни пози на историјата) од Горан Стефановски во режија на Наташа Поплавска…
Лидија Митоска-Ѓорѓиоска, драматург во Прилепскиот театар, на прес-конференција во петокот соопшти дека текстот на Стефановски е пишуван по повод 100-годишнината од Првата светска војна, првпат е изведен во Словенија, а ова е праизведба во Македонија.
– Текстот се занимава со многу прашања и е слоевит. И покрај тоа, неговата структура е таква што е податлив за работа на сцената. Секоја сцена е како отсечка, а така и самиот автор Стефановски се изразува, што значи сите сцени се кратки, јасни, прецизни и молскавични, и полни со емотивен набој, рече Митоска Ѓорѓиоска.
За режисерката Наташа Поплавска текстот ја обработува војната, но и онаа внатрешната, емотивната на ликовите.
– Претставата се занимава со потрагата по љубовта во војната. Во една реплика во претставата, авторот вели: Војните доаѓаат кога љубовта омалаксува. Во таа смисла, претставата изобилува со ликови кои се архиетипски преземени од сите слоеви на општеството, од највисоките – како бароницата, па се до селаните. Текстот е актуелен и со сето што се случува во Европа, со сите зовриени емоции. Во претставата и според текстот на Стефановски, и покрај сите ужаси на војната, љубовта е единствена што може да опстане и под воените урнатини, истакна Поплавска.
Сценографијата е на Емил Петров, костимите ги направи Роза Трајческа-Ристовска, драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиоска, а во претставата играат: Димитар Ѓорѓиевски, Даниела Иваноска, Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска-Станкоска, Димитар Црцороски, Наташа Наумоска, Илија Волчески, Ангела Наумоска, Михајло Миленкоски.
Ова е трета премиера на Прилепскиот театар годинава, а до крајот на декември ќе подготви уште една претстава.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.