| четврток, 6 декември 2018 |

Генијалното дело на Тим Бартон од четврток во Скопје

Oд овој четврток, 29 септември во Cкопје почува со прикажување најновото филмско остварување на Тим Бартон, „Домот на необични деца на госпоѓица Перегрин“ во кој чест да учествува во креирањето на визуелните ефекти заедно со компанијата MPC од Лондон имаше и македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х.

„Stay peculiar“или во превод „Останете невообичаени“ е слоганот кој го најави најновото филмско остварување на Тим Бартон, „Домот на необични деца на госпоѓица Перегрин“ според деби новелата и бестселерот на Рансом Ригс. Ова е филм зa необичните, кои во визијата на Бартон се чудесни и прекрасни.

Филмот е за дете кое патува низ времето назад до ерата на Втората светска војна и училиште за ексцентрични деца под раководство на директорката која има способност да менува облици, толкувана од Ева Грин, новата муза на Бартон.

Се чини дека Бартон го направил својот најдобар филм во својата 30-годишна кариера и 18 дела зад себе – вели Кристијан Даниловски, ко-основач на компанијата ФХ3Х.

Според Даниловски, интересно е што Бартон наоѓа инспирација во необичните работи, а новелата на Ригс се чини му е полн погодок, особено елементите со старите фотографии во неа.

Британскиот декор и локација, се е предизвик да се погледне финалниот резултат. За нас особено е големо исчекувањето бидејќи имавме чест да бидеме дел од визуелните ефекти во соработка со MPC од Лондон. На овој проект работевме од септември до ноември минатата година со тим од 94 артисти – изјави Даниловски.

Како и во претходните главни улоги на Бартон, Џејк Портман (кој го толкува Аса Батерфилд, „Хуго“) е прилично проблематично дете, неразбран од своите родители, но многу близок со своите баба и дедо. Особено го привлекуваат приказните на дедо му за куќата во Полска во која што живеел пред Втората светска војна каде што имало „посебни деца“. Приказните во кои борбите со „чудовиштата„ и одбивањето да се навлегува во многу детали се подразбираат во семејството како начин на Дедо да се соочи со последиците од Холокаустот, но Џек смета дека се повеќе од тоа. По смртта на дедо му, неговиот татко во обид да стави крај на фантазиите од приказните, го испраќа во Велс, во старото училиште на дедо му.

Освен Ева Грин и Аса Батерфиелд, ќе го видиме и Семјуел Џексон како ловец на сирачиња, Руперт Еверет, Мајло Паркер и многу други. Останува само да уживаме во двочасовното остварување на режисерот Тим Бартон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top