– Во континуитет во нашите средби работиме на градење на мерките на доверба. Постои значително поместување во делот на оние цели кои ги имаме зацртано и мислам дека имаме постигнато некое ниво на разбирање дека услови во кои постои едно прашање кое е многу сериозен проблем и во кое имаме сериозно разидување и различни ставови, најдобро е да се концентрираме на сите останати теми кои нѐ поврзуваат и за кои и Македонија и Грција имаат заеднички стратегиски интереси и заеднички гледаат кон иднината. Во овој дух течат разговорите и мислам дека во овој дух сепак ќе продолжат бидејќи ова не е период во којшто ние можеме да го решиме долгогодишното најтешко прашање во нашите билатерални односи, но дефинитивно е период во кој може да ја зацврстиме перцепцијата на две земји кои имаат нормална соработка и кои во регионот сакаат да креираат позитивна клима – изјави Попоски за Македонската телевизија од Њујорк.
Тој додаде дека ја изразил својата загриженост на претставничката на Европската Унија Федерика Могерини и на еврокомесарот Јоханес Хан за размислувањата да се воведат парични такси и претходно пријавување за патување низ ЕУ за државјани на земји кои имаат безвизен патен режим. Според Попоски, евентуалното вакво решение би било негативен чекор и би ги уназадило правата на слободно движење низ Унијата. Могерини и Хан одговориле дека ваквата мерка не е договорена, и дури и да биде, не би била воведена наскоро.
– Имавме сериозни разговори со претставниците на Европската Комисија, и со комесарот Хан и со потпретседателката Могерини, околу последиците и видувањата од наша страна, од балканските земји кои се кандидати или потенцијални кандидати за членство во Европската Унија, дека ваков развој би бил исклучително негативен. Од нивна страна беше упатена порака дека не очекуваат ова да биде заклучено за краток временски период, ги нотираат нашите пораки на загриженост, бидејќи по визната либерализација ова би бил сериозен сигнал кој на некој начин би претставувал уназадување на сите оние напори што досега ги имавме за обезбедување на слободно движење на нашите граѓани во Европската Унија. Нивните пораки се дека сепак не се работи за нешто што е одлучено, дека е значајно да биде слушнат нашиот глас и ние преземаме конкретни чекори да имаме група на земји членки во ЕУ кои ќе дејствуваат во правец на обесхрабрување на една ваква регулатива, изјави Попоски.
Во врска со трката за избор на Генерален секретар на Обединетите Нации, Попоски вели дека е рано да се прогнозира кој ќе биде победникот, но дека македонскиот кандидат доктор Срѓан Керим е меѓу посериозните претенденти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.