| четврток, 6 декември 2018 |

Тројца македонски кандидати за судија во Европскиот суд за човекови права

Јавниот обвинител Јован Илиевски, уставниот судија Наташа Габер-Дамјановска и амбасадорот на Република Македонија во Ватикан Звонимир Јанкуловски, се на листата кандидати за избор на судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) која e доставена од Постојаната мисија на Република Македонија во Стразбур до Секретаријатот на Советот на Европа.

Еден од тројцата предложени кандидати треба да ја замени судијката Мирјана Лазарова Трајковска, чиј мандат во Европскиот суд за човекува права истекува кон крајот на годинава.

Како што соопшти денеска Министерството за надворешни работи, листата е резултат на конкурентен национален процес на селекција спроведена од Комисијата за избор на судии при ЕСЧП и советодавна одлука на Владата на Република Македонија.

– Согласно постапката за избор на судија во ЕСЧП, Парламентарното cобрание на Советот на Европа ќе спроведе интервју со тројцата предложени кандидати на 30 септември 2016 година во регионалната канцеларија во Париз, по што ќе се произнесе со гласање во однос на изборот на судија од Република Македонија, стои во соопштението.

Комисијата за избор на кандидати на Република Македонија за  судија во ЕСЧП e во состав: Никола Попоски, вицепремиер и министер за надворешни работи, Вангелина Маркудова, судија на Уставниот суд на Република Македонија, Зоран Караџовски, претседател на Судскиот совет на Република Македонија, Зоран Сулеjманов, член на Совет на јавни обвинители на Република Македонија, Илија Ристовски, државен секретар во Министерството за правда и Ибер Села, професор од Правен факултет на Тетовскиот Универзитет, наведуваат од МНР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top