Алармантни се податоците што покажуваат дека само 23 проценти од македонските мајки ексклузивно ги дојат своите бебиња во првите шест месеци. Под ексклузивно доење се подразбира само мајчино млеко, без додавање вода, чај, сок во исхраната. За жал, проблемот е актуелен и во глобални рамки, каде што стапката на доење, исто така, стагнира – 38 проценти од мајките го дојат ексклузивно бебето до шестмесечна возраст – вели д-р Бранкица Младеновиќ, претседателка на Комитетот за промоција, поддршка и за заштита на доењето. Младеновиќ е раководителка на Заводот за здравствена заштита на мајки и деца, Здравствен дом – Скопје.
Како Македонија, од земја во која жените традиционално сакаат да дојат, стана земја во која само 23 проценти од мајките практикуваат ексклузивно доење кај новороденчињата?
МЛАДЕНОВИЌ: Последни релевантни податоци со кои располагаме за стапката на доење се тие од 2011 година, според кои 41 процент од мајките дојат предоминантно, што значи додаваат и други течности (вода, чај, сок), додека ексклузивното доење (само на мајчино млеко) е застапено кај 23 проценти од мајките. За жал, проблемот е актуелен и во глобални рамки, каде што стапката на доење, исто така, стагнира – 38 проценти од мајките го дојат бебето ексклузивно до шестмесечна возраст. Се планира ново истражување за да видиме дали има промена во состојбата. Кога ќе ги прашате мајките зошто не дојат или, пак, не дојат ексклузивно, една од главните причини што ги даваат како најчест одговор е – „немам доволно млеко”. Зад тој одговор, всушност, се кријат низа вистински причини, а немањето доволно млеко е само нивна последица. Тоа, главно, е ненавремената поддршка, агресивниот маркетинг на производителите на вештачко млеко и нивната лесна достапност, недоволната информираност за значењето на доењето, високата стапка на царски рез. Дел од мајките наведуваат дека престанале да дојат затоа што требало да се вратат на работа. Важна причина е и тоа што доењето не е доволно застапено во курикулумите на медицинските студии, така што е неопходен дополнителен тренинг, што не е многу едноставно.
Што покажуваат истражувањата, зошто сѐ почесто се посега по вештачко млеко место да се дои?
МЛАДЕНОВИЌ: Да се потсетиме дека во минатото вештачките млека се даваа бесплатно на рецепт и доминираше убедувањето дека тие се еднакво добри како и мајчиното млеко. Таквиот став беше многу тешко да се надмине. Втора важна причина е ненавремената поддршка и информирање на мајката. Имено, мајката уште во текот на бременоста треба да добие информации за тоа што ја очекува, како се воспоставува доењето, кои се најчестите проблеми и како да се справи со нив. За таа цел се креираше Брошура за бремени жени, која се дистрибуира заедно со мајчината книшка, каде што мајката може да се информира за доењето. Ретка е практиката гинекологот да ја советува мајката за доењето. Дополнително, не само кај нас, туку и во голем дел од светот, по породувањето ѝ се дава време на мајката да се одмори, а бебето се храни со формула. Со тоа се прави многу лоша услуга затоа што е идеално првиот подој и контактот кожа со кожа да се случи уште во првиот час, најдоцна во првите 24 часа по породувањето. Воедно, секогаш постои страв кај мајките дека бебето им е гладно, па и при најмал сомнеж дека немаат доволно млеко, многу често кога ќе се вратат дома, сами внесуваат формула, без да се консултираат со здравствен работник.
Мотото на Светската недела на доењето беше „Доењето – клучно за одржлив развој“. Дали е тоа навистина така?
МЛАДЕНОВИЌ: Оваа година мотото на Светската асоцијација за доење е: „Доењето – клучно за одржливиот развој“, со што се поврзува со 17. одржливи развојни цели на ООН и на тој начин се потенцира неговата улога во остварување на напредокот на сите сегменти од човековото живеење. Тоа обезбедува висок квалитет на хранливи материи и соодветна енергија, може да помогне да се спречат гладот, неухранетоста, но и дебелината, придонесува кон подобрување на безбедноста на исхраната, ги унапредува севкупното здравје и развојот на децата, вклучувајќи го и подобрувањето на когнитивниот развој, а со тоа и шансите за подобри училишни перформанси, придонесува кон намалување на нееднаквостите, не го оптоварува буџетот и со тоа ја намалува сиромаштијата. Доењето значи користење помалку енергија во споредба со индустриското производство на формула и не произведува отпад, со тоа ја штити животната средина, со други зборови носи голем број бенефити за децата, мајките и за општеството во целина.
Со Законот за работни односи на мајките што дојат им се дозволува право на еден час отсуство од работа за да го дојат детето. Имате ли сознанија колку од нив го користат тоа право?
МЛАДЕНОВИЌ: Постојната законска регулатива поврзана со мајчинството во Република Македонија е поволна како во однос на траење на породилното отсуство, така и во однос на правото на доење на вработените мајки. Дел од мајките не се доволно информирани за таа можност (токму поради тоа и ја ставивме информацијата во Брошурата за бремени жени), голем дел го користат тоа право, но немаме точни информации, особено е дискутабилно дали тоа се почитува од страна на приватниот сектор.
Дали завршувањето на породилното отсуство и тргнувањето на работа треба да значи и крај на доењето?
МЛАДЕНОВИЌ: Никако. На мајките треба да им се помогне да го одржат доењето и откако ќе се вратат на работа. За да се случи тоа, покрај користењето на паузата за доење, на вработените мајки им се потребни услови за измолзување на работното место. Тоа е нешто што сѐ уште не е доволно спроведено во нашата земја и на што би требало да се фокусираме во иднина. Доколку мајката нема услови да се измолзе, а е отсутна од домот просечно 9 часа, тогаш голема е можноста количеството млеко да се намали и да се изгуби.
Колку е важна улогата на патронажните сестри? Дали тие две-три посети кај новороденчето се доволни за да се објаснат придобивките од доењето?
МЛАДЕНОВИЌ: Патронажната служба има големо значење во давањето информации и практични совети откако мајките ќе го напуштат породилиштето, што е од особена важност затоа што во текот на првите месеци од доењето настануваат и најчестите проблеми. Минималниот број на посети е 2-3, но тие ги посетуваат почесто, особено кога ќе проценат дека за тоа има потреба или на барање на мајката. Важна улога имаат и превентивните тимови во здравствените домови, при што тим од лекар и сестра е постојано на располагање во давањето стручна помош за справување со сите можни проблеми поврзани со доењето.
До која возраст е најдобро да се дои?
МЛАДЕНОВИЌ: Во согласност со препораките од Светската здравствена организација, доењето треба да трае до две години и подолго, паралелно со воведувањето други видови храна по шестиот месец од животот.
Разговараше: Александра М. Бундалевска
Фото: Дејан Станчевски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Видео од кое заледува крв: Поп го испушта бебето од раце сред крштевка
-
Лора и Филип го чекаат своето прво дете: Сузана Турунџиева не го откри полот на бебето
-
Ако сте родиле машко бебе имате поголема шасна да страдате од постпородилна депресија
-
Секунда до трагедија: Бебе летна од рацете на мајка си кога до нив експлодирала гума (видео)