| четврток, 6 декември 2018 |

Ако сте родиле машко бебе имате поголема шасна да страдате од постпородилна депресија

Едно ново истражување покажало дека ризикот за постпородилна депресија е значително повисок кај жените кои родиле машко, за разлика од оние кои родиле женско дете. Сепак, научниците истакнале дека ова не се лоши резултати бидејќи раното идентификување на ризичните фактори, значи подобра поддршка за жените.

Истражувачите од Универзитетот Кент во САД откриле дека жените кои родиле машко дете имале 71%-90% поголеми шанси да страдаат од постпородилна депресија. Исто така се открило дека новите мајки имале 174% поголеми шанси да добијат постпородилна депресија ако се соочат со компликации за време на породувањето.

Жените кои или имале претходен проблем со менталното здравје, или се склони кон симптоми на депресија, анксиозност и стрес, поретко се соочувале со постпородилна депресија во случај на компликации. Истражувачите сметаат дека причината е тоа што дополнителната поддршка што им е потребна на овие жени, веќе постоела во нивниот живот, бидејќи е познато дека имаат зголемен ризик.

Постпородилната депресија се јавува кај 1 во 10 жени и се манифестира на разни начини. Овде спаѓаат симптоми како тага, анксиозност, замор, намалена концентрација, неможност за поврзување со детето и изолација. Сепак, ова е болест што може да се излечи.

„Постпородилната депресија е состојба што може да се избегне и се покажа дека дополнителната помош кај жените со поголем ризик ги намалува шансите за нејзино развивање“, изјавила доктор Сара Џонс, една од авторите на студијата.

Истражувањето побарало и можна врска помеѓу полот на бебето и ризикот од постпородилна депресија користејќи ги доказите дека постои поврзаност помеѓу развивање на симптоми на депресија и справувањето на имунитетот со воспаленија.

Познато е дека машките фетуси и компликациите при породувањето ги зголемуваат воспаленијата, но оваа врска не беше многу јасна сè досега. Истражувачите се надеваат дека нивните докази ќе помогнат да се откријат и нови ризични фактори во иднина.

Засега, тие ја нагласуваат важноста дека овие два фактора – бременост со машко дете и компликации при породување, го зголемуваат ризикот од постпородилна депресија, но се лесни за идентификување. Со ова може навреме да се реагира кај жените на кои им е потребна помош.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top