Новиот македонски долгометражен игран филм „Златна петорка“ на режисерот Горан Тренчовски ќе ја има својата светска премиера во официјалната селекција на Интернационалниот филмски фестивал „Реинденс“ во Лондон. „Реинденс“ е најголемиот британски фестивал за независен филм, негов основач е Елиот Гроув, а е под покровителство на Тери Гилијам, Мајкл Винтерботом и други познати автори. Својата интернационална промоција филмот „Златна петорка“ ќе ја има во познатото кино „Вју“ на Пикадили сиркус во центарот на Лондон, на 29 септември.
Инаку, „Златна петорка“ ќе има македонска проекција на 17 септември на свеченото затворање на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
Филмот официјално ќе започне со дистрибуција од 6 октомври со премиерата во кино „Милениум“ во Скопје и со струмичката премиера на 7 октомври во НУЦК „Антон Панов“.
Наскоро ќе следуваат и други фестивали каде што е селектиран филмот.
Сценариото за овој македонски филм е работено по прозни и драмски мотиви на Братислав Ташковски, а него го потпишуваат Елеонора Венинова и косценаристите Билјана Гарванлиева и Горан Тренчовски. Продуцент е Дејан Милошевски, директор на фотографија е Апостол Трпески, монтажери се Андрија Зафрановиќ и Аристид Филактов, сценограф е Кирил Спасески, костимограф Нела Тодоровска, шминка Ирена Сенокозлиоска, музиката е на Дарко Спасовски и Горан Керкез.
Во дејството од филмот главен мотив е апсурдниот настан од 1951 година кога свирепо се ликвидирани петмина прогресивни студенти од Струмица. Филмската сторија претставува всушност фикција за една насилно прекината и за една започната љубов, меѓу коишто лебдат копнежот и предавството. Речиси половина век подоцна, преживеаниот Алавантие се враќа во родната земја, откривајќи некои нови траги од досието кое УДБА го водела со кодните имиња на студентите.
Во филмот улогите ги толкуваат актерите Славко Штимац, Јана Стојановска, Љупка Џундева, Игор Ангелов, Петар Арсовски, Васил Михаил, Ненад Милосављевиќ, Билјана Таневски, Дине Дрваров, Стојан Велков, Александар Ристоски, Влатко Илиевски, Григор Јовановски, Игор Тодоров, Виктор Јакимовски и др.
Филмот „Златна петорка“ е во продукција на „Револушн“ од Скопје, а е финансиран од Агенцијата за филм на РМ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.