Непријавените гласачи од листата на ДИК ќе имаат време од петнаесет дена по распишувањето на парламентарните избори за да го регулираат правото на глас.
Оние 30.502 граѓани кои досега не се пријавиле, а се нашле на листата на спорни гласачи на ДИК, тоа ќе може да го сторат дополнително откако вчера по истекувањето на рокот ДИК одлучи истиот да го продолжи. До вчера во ДИК се пријавиле само една четвртина од спорните гласачи или 8922 граѓани.
Од вкупно пријавените, 3.376 го направиле тоа во подрачните одделенија и канцеларии и дополнителните канцеларии на ДИК, додека 4.555 ја искористиле веб апликацијата на интернет страницата на ДИК.
Пријавувањето на спорните гласачи започна на 26 јули. Тие имаа рок од 25 дена да се запишат на списокот на гласачи, а пријавувањето се врши електронски преку специјална апликација на веб страницата на ДИК или лично во подрачните единици на ДИК и во кацелариите на Управата за водење матични книги.
ДИК одлучи да го продолжи рокот за уште 15 дена за пријавување на спорните гласачи, а потоа да направи дополнителни контроли или лично да контактира со спорните гласачи.
Оние кои не се пријавени во предвидениот рок нема да бидат запишани во Избирачкиот список, но ќе добијат можност тоа да го направат за време на јавниот увид на списокот пред парламентарните избори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.