Компанијата Сардич MЦ по двегодишни истражувања, на 25-ти овој месец почнува со изградба на својот рударски комплекс во Казандол, Валандово. Ова е првпат по 40 години во Македонија да се гради рудник. Инвестицијата е англиска која за таа цел отвори македонската компанија Сардич МЦ, која треба да реализира инвестиција од 35 милиони евра и да оствари само во првите седум години приходи од близу 135 милиони евра или околу 20 милиони евра годишно.
Ова во интервју за МИА го истакнуваат Генадиј Сичов потпретседател на Копер Инвестмент и Бошко Сибиновски директор на Сардич МЦ.
– Разгледувавме повеќе наоѓалишта по целиот свет. Имавме неколку интересни можни проекти на Куба, Јужна Африка, Шпанија, а во 2012 година почнавме да ги проучуваме наоѓалиштата во Македонија и во 2013 година решивме да учествуваме на конкурсот што беше објавен за доделување концесии за три наоѓалишта. Пред тоа многу внимателно ги проучувавме потенцијалните рудни наоѓалиштата во Македонија, македонското законодавство во поглед на рударските и градежните работи, инвестициската клима. Откако ги разгледавме сите можности што ни оставија позитивен впечаток решивме да учествуваме на тендерот за добивање концесии за три наоѓалишта – Казандол, Петрошница и Плавуш, вели Генадиј Сичов, потпреседател на Копер инвестмент.
Тој додава дека она што ги привлекло во Македонија е квалитетот на рудата, поволните климатски услови, инфраструктурата и инвестициската клима.
На Казандол, истакнува Сичов, се потврдени резерви од 33 милиони тони рудни количина. Досега се потврдени за 20 години експлоатација. За првите седум години како што вели Бошко Сибиновски точно е предвидено како кој дел од рудата како ќе се третира. Капацитетот на рудникот е 4000 тони руда.
Досега имаат инвестирано осум милиони евра, а проценета е на 35 милиони евра.
Како што посочува Сибиновски, станува збор за рудник во кој ќе биде користена современа технологија од Фински „Аутотек“ која нема да има негативно влијание на животната средина.
– Станува збор за руда со оксиден бакар која ни дава можност на поинаков начин да добиеме готов метал. Се работи за рударски комплекс за добивање катоден бакар со чистота од 99,99 отсто. Основата е хидрометалуршка. Се работи за добивање метал без топилници, само со помош на хемиско извлекување на металот од рудата во форма на бакар сулфат, појаснува Сибиновски.
Додава дека во фабриката што ќе се изгради во комплексот ќе бидат ангажирани 100 лица, а индиректно во целиот компелкс ќе бидат ангажирани 250 лица.
– Тоа е модерна финска технологија која е доста скапа и многу автоматизирана се со цел да се избегнат човечки грешки при технолошкиот процес. Можевме и за три милиони поевтино да се проектира при што ќе требаше да бидат вклучени повеќе луѓе. Toa e централизиран систем. Директно ќе бидат вработени 100 лица во компанијата. Ќе има технолози, рудари и геолози ќе бидат вработени, кои за жал ги нема во овој регион. Вработените ќе поминат обука што ќе ја спроведат производителите на опремата. Со текот на времето ќе обучуваме и млади лица кои ќе ги праќаме на студии и дообуки, вели Сибиновски.
Според него, отворањето на рударскиот комплекс ќе придонесе за поголема потрошувачка во регионот, а ќе значи и приходи за државата.
– Компанијата ќе работи според македонските закони бидејќи е 100-проценти македонска. Дваесет милиони евра е проценет приливот на средства во Македонија од производниот капацитет на 4.000 тони катоден бакар од кои 2 проценти влегувааат за концесиски надомест во Опшптината, плаќаме просторен надомест кој оди во три општини Валандово, Богданци и Дојран, плус има данок на добивка од 10 проценти, потоа даноци на платите, на подизведувачите и сето тоа кога ќе се собере веројатно два милиони годишно ќе влегуваат директно во буџетот на РМ, а заедно со платите и повеќе, истакна Сибиновски.
Се очекува производството на првите бакарни катоди да почне за една година. Производството ќе биде пласирано на европскиот пазар.
Сибиновски вели дека ова е прва фаза на проектот. Со отворање на следниот рудник планирано е и отворање дополнителен погон за преработка на катодите во бакарни цевки и валана жица.
Компанијата истражува и на наоѓалиштата кај Старо Нагоричане каде што испитувањата покажуваат дека има резерви на бакар, злато, сребро и молибден, а проценките се дека ресурсите се 10 поголеми од Казандол.
Во интервјуто за МИА, Сичов и Сибиновски истакнуваат дека имаат голема поддршка од тимот формиран од Владата за да се добијат сите потребни документи за да можат да стартуваат со изградбата на рударскиот комплекс. Целиот процес, како што велат, го завршиле за 2,5 години, иако просекот е за завршување на овие активности од 5 до 7 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.