| четврток, 6 декември 2018 |

СДСМ од Иловица и Штука со директни пораки кон Заев: Премиерот да се изјасни дали ќе го сопре рудникот или не!

Здружението „Здрава котлина“ информира дека се организира масовен народен отпор против рудникот на смртта, а СДСМ од Иловица и од Штука упати директни пораки кон премиерот Заев.

Во продолжение го објавуваме интегралниот текст на „Здрава котлина“:

-Завчера, на 12.09.2018, во Иловица е одржан состанок на членовите на СДСМ-Социјалдемократски сојуз на Македонијаод Иловица и Штука, на кој бил повикан и градоначалникот на Општина Босилово, Зоран Зимбаков. Состанокот го иницирале самите членови на партијата, а главна тема бил рудникот.

Членовите на СДСМ жестоко го критикувале градоначалникот заради тоа што тој го промени својот став во врска со отворањето на рудникот: имено, во кампањата за локалните избори тој беше против рудникот, но подоцна се случи ретерирање, па така на Консултативната средба со владата што ја имавме во јули, тој излезе со нејасен, двосмислен став, кој остави простор за многу сомнежи. Накусо, на завчерашниот состанок тој бил директно предупреден дека доколку не излезе јавно да се заложи против рудникот, членството масовно ќе ги искине партиските книшки. Тој се обидувал да се оправда, но на крајот морал да вети дека ќе излезе во јавноста. Го очекуваме.
Сепак, она што е уште позначајно од овој состанок е фактот дека членовите на СДСМ побарале тој итно да стапи во контакт со премиерот Зоран Заев и да му пренесе дека Иловица и Штука бараат тој да дојде и пред граѓаните од сите околни села, без оглед на партиската припадност, и конечно да се изјасни дали ќе го сопре рудникот или не. Во спротивно, му било порачано дека никој нема да излезе на референдумот. Практично, му дале еден вид ултиматум.

Ние како еколошко здружение имаме решение да не навлегуваме во прашањето за референдумот (за тоа секој лично ќе си донесе одлука), но сметаме дека овој состанок и пораките што Штучани и Иловчани му ги испратија на премиерот Зоран Заев, на градоначалникот Зоран Зимбаков, но и на другите раководни партиски структури, се исклучително важни за претстојната разврска. Ножот е дојден до коска и повеќе одолговлекувања и отстапки не може да има. Очекуваме дека партиските структури и од другите села, вклучително и од Општина Струмица, Општина Ново Село и Општина Василево ќе се солидаризираат против заедничката животна опасност и конечно ќе им дадат до знаење на раководствата дека немаат намера да бидат жртви на туѓи профитерски интереси и дека сите масовно ќе застанат во одбрана на Струмичката Котлина.
Ова е почеток на масовниот отпор против рудникот на смртта. Ги поздравуваме Иловчани и Штучани за овој цврст и одговорен однос, знаејќи дека ако биде потребно сите ќе се обединат во одбрана на нивните домови и животи, без оглед на партиската или каква било друга припадност. Ние, како што и самите знаат, секогаш ќе бидеме со нив.
РУДНИК НЕМА ДА ИМА!
Здрава котлина

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top