Од денеска и официјално стартуваат подготовките на машката сениорска кошаркарска репрезентација за претстојните квалификации за Евробаскет 2017. Првата прозивка мина со 12 кошаркари од 18-те повикани кои се најдоа на прелиминарниот список на селекторот Драган Раца.
Два тренинга дневно, контролни средби против Бугарија, Словенија како и Црна Гора, Белгија и Босна и Херцеговина кои ќе бидат учесници на турнирот „Трофеј Македонија“ ќе бидат сосема доволни за комплетно екипирање на националниот состав и кормиларот да пресуди дали ќе има потреба од натурализиран играч или дополнителен повик.
Првиот тренинг мина во мирна атмосфера. Во отсуство на Марко Симоновски кој пријави повреда, Раца првпат официјално ги разигра репрезентативците во состав од браќата Војдан и Дамјан Стојановски, заедно со двоецот на Куманово, Костоски – Трајковски. Од редовите на кумановци присутни беа и Јаневски и Караџовски, на првиот тренинг дојдоа и младите играчи на МЗТ, Младеновски и Мекиќ, потоа центарот на Работнички Бојан Крстевски, „новиот Македонец“ Дујковиќ, како и Кире Николовски и Стојан Ѓуроски, кој забрзано се рехабилитира по операцијата на ногата и ќе биде во комбинација за настап.
Според зборовите на селекторот Раца на брифингот со новинарите, сите оние кои нема да се појават на првиот тренинг за нив вратите се затворени во репрезентацијата. На првата прозивка ги немаше Димитар Мираковски, Предраг Самарџиски, Ѓорѓи Чековски и Перо Антиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.