И Македонија преживеа бурна петочна ноќ поради обидот за државен удар во Турција. Блискоста, политичките и приватните релации меѓу двете земји, опасноста од загрозување на безбедносната состојба и стравот од ексалација на мигрантската криза, ја вознемири јавноста. Случувањата во Истанбул и во Анкара будно се следеа од час во час, „гореа“ социјалните мрежи, а група граѓани и покрај силниот джод, излегоа пред турската амбасада во Скопје за да му изразат поддршка на претседателот Реџеп Таип Ердоган, пишува „Утрински весник“.
За разлика од повеќе земји во Европа и во светот, Македонија, барем засега, не им препорачува на своите граѓани да одбегнуваат патување во оваа пријателска земја. Денеска на аеродромот „Александар Велики“ беа нормализиран летовите од и кон Анталија и Истанбул. Не се откажани ниту туристичките аранжмани. На безбедно се и околу илјада македонски граѓани, кои летниот одмор го користат на Егејското и на Црното море.
-Безбедносната состојба во Македонија е стабилна и мирна“, оцени Групата за процена на саботната седница, соопшти Центарот за управување со кризи.
На седницата беше разгледана и состојбата во врска со мигрантите, за што беше избрифиран и раководителот на Управувачкиот Комитет за координација и управување со кризи. Беше заклучено во наредниот период да се зајакне граничното обезбедување и контрола со дополнителни воени и полициски сили со цел спречување на илегална миграција и криумчарење со мигранти.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека будно ги следат состојбите во Турција и се во постојан контакт со Министерството за надворешни работи и со безбедносните служби. Од кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, информираат дека се преземени низа мерки и активности за заштита на државната граница.
-Република Македонија ја поддржува демократски избраната Влада на Република Турција, која како земја членка на НАТО и како исклучително значајна држава во соочувањето со глобалните предизвици е голем пријател и стратешки партнер на нашата земја. Претседателот Иванов го поддржува нормализирањето на состојбите во Република Турција и повикува на почитување на демократските институции и избегнување на секаков вид насилство и крвопролевање“, соопштија од кабинетот на Иванов.
Посебен акцент е ставен врз безбедноста на македонските граѓани, кои во моментов престојуваат во Турција. МНР упати апел до нив да останат на безбедни локации, да не ги напуштаат хотелите и објектите каде што се сместени и да избегнуваат собири на јавни локации. Дипломатските претставништва во Анкара и во Истанбул се со отворени телефони и таму може да се добијат сознанија за безбедносната состојба на нашите граѓани.
Според податоците она Стопанската комора за туризам на Македонија (СКТМ) во Турција престојуваат околу илјада македонски туристи. Оттаму тврдат дека нема проблеми со безбедноста во хотелите и оти Македонците, кои планираат летување таму, не треба да стравуваат од новонастаната ситуација. Во Комората добиле изветување од турските хотели дека уште во претсезоната, покрај редовно имале и вонредно обезбедување од приватни агенции, а од саботата и дополнително обезбедување од страна на државните органи. Од СКТМ апелираа да не се откажуваат аранжманите а ако, сепак, има некои што не сакаат да отпатуваат, ќе важат Општите услови за патување содржани во договорот што го склучиле со туристичката агенција, бидејќи, барем засега, МНР нема препораки. Најновите случувања во Турција донесоа откажување на полуфиналните и финалните натпревари од тенискиот турнир во Бурса за жени, каде играше и нашата Лина Ѓорческа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.