| четврток, 6 декември 2018 |

Родила бебе на шеталиштето во Ница додека терористот газел луѓе

bebe

Млада жена која во четвртокот вечерта дошла да го види празничниот огномет на Англиското шеталиште во Ница, родила момченце за време на терористичкиот напад во ресторан во близина на местото на големата трагедија, објави весникот Le Figaro.

Жената, којашто била во деветтиот месец од бременоста, почувствувала контракции како последица од возбуденост и страв кога станало јасно дека камионот на шеталиштето намерно ги гази луѓето. Таа успеала да се засолни во ресторанот „Ruhl Plage“ непосредно на Англиското шеталиште. Била префрлена во кујната на ресторанот, каде што се породила со помош на лекар кој се нашол на самото место. Пожарникарската спасувачка екипа успеала да се пробие до ресторанот дури по еден час и да ја згрижи младата жена.

– И покрај сé, ние бевме силно трогнати од чинот на породувањето, изјавил за Le Figaro менаџерот на ресторанот.

За жал, додека малото момченце доаѓаше на свет, во безумниот чин на терористот згаснаа животите на 84 луѓе, од кои десет се деца и тинејџери. Уште пет деца во саботата во детската болница во Ница се борат за својот живот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top