| четврток, 6 декември 2018 |

Повторно како некогаш, Вардар ќе истрча пред 25.000 навивачи

arena filip vtori

Динамо Загреб го очекува вистински „пекол“ вечерва од 20:45 часот на националната арена „Филип Втори“. Повеќе од 25.000 навивачи се очекува да го поддржат македонскиот шампион Вардар во желбата да стигне до резултат со кој дополнително мотивиран ќе го очекува реваншот за седум дена во Загреб како би стигнал до третото квалификациско коло од Лигата на шампионите.

Според последните информации, продадени се веќе околу 20.000 билети за денешниот натпревар во Скопје, но очекувањата се дека ќе има околу 25.000 фудбалски фанови на трибините на „Филип Втори“.

Полни трибини и силна поддршка од македонските навивачи побара и стратегот на Вардар, Гоце Седлоски, кој добро знае што значи ако заигра „вулканот од трибините на Филип Втори“.

„Ги повикувам сите навивачи и симпатизери на Вардар, но и сите македонски љубители на фудбалот да дојдат и да им дадат поддршка на моите фудбалери на натпреварот со Динамо. Играме против добар тим кој секоја година настапува во Лигата на шампионите или Лигата на Европа. Знам дека моите играчи ќе го дадат максимумот и дека ќе излезат на терен со желба и срце“ – изјави Седлоски.

ФК Вардар претходно повика на фер и коректно навивање за време на целиот натпревар, наведувајќи ги притоа и сите безбедносни мерки за нормално одржување на дуелот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top