Летните шапки не се потребни само за да ја чуваат главата од жештината и од сонцето, туку тие се и моден детаљ што можете да го комбинирате во целокупниот изглед. Ова лето се хит плетените, таканаречени сламени шешири, со широк раб, кои се исклучително пријатни за носење бидејќи се одличен изолатор од топлина благодарејќи на природниот материјал од кој се направени. Исто така, хит се и сламените каубојски шешири, како и тие во бохо-стил, кои се еден вид унисекс модел бидејќи се наменети за жени и за мажи.
Капи со стреа, ленти за коса со стреа и широки ленти за коса, како и „рибарски“ платнени капи се повторно во мода, како еден вид ретро стил. Што се однесува до бојата, најмногу преовладуваат тие со природна боја на слама, потоа бели и црни, а другите бои, како што се црвена, сина, жолта и други бои, се помалку атрактивни.
Шапка по мера
Изборот е голем. Помала или поголема, со широк, цврст или мал раб. Шапката може да биде сламена, дамска или широка со украси. Секако, важна е и бојата. Популарни нијанси за ова лето се топлите тонови на жолта и на портокалова, интензивна сина, смарагдна, розова или виолетова. Дизајнерите нудат и убави украси како врвки и ленти, така што нема да згрешите ако се одлучите за шешир украсен со лента во контрастна боја.
Кој шешир е за вас? Важно е дека не е неопходно шеширот да го ускладите со облеката. Кога купувате, задолжително пробајте повеќе модели, важно е да ви прилега на лицето. Шеширот одберете го и според градбата на телото. На четвороаголно лице му прилега шешир со широк раб, а на издолжено модели што се припиени на челото. Ако имате тесно лице, најмногу ќе ви прилега шешир со истакнат раб, како сламен шешир. Ако имате ситна градба и низок раст, одберете шешир со мал раб во пастелни нијанси. Избегнувајте големи шешири со впечатливи примероци бидејќи ќе изгледате пониско отколку што навистина сте.
Панама шапка – елеганција што не излегува од мода
Панама шапка е вечна модна класика, симбол на елеганција која не излегува од мода. Секогаш се во тренд и големи дамски шешири, со кои ќе изгледате добро во градската прошетка. Убаво изгледа во комбинација со лелеав фустан. Модерно изгледа и шешир со мал раб во комбинација со бела лента.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.